Фолк пејачката Анета Љумакоска, која повеќе од две децении беше вокалистка на битолската група ,,Молика”, промовираше нов музички проект заедно со бендот ,,Дакапо”.
Нивниот заеднички проект, сплет на македонски народни песни веќе е објавен на музичкиот канал Јутјуб, каде е оставен и телефонски број за договарање на настапи, а како вокалисти се истакнати Анета и Васко Спасов.
Инаку, „Дакапо“ се присутни на сцената околу десет години и зад себе имаат повеќе авторски песни. Познати се во земјава по бројните настапи на свадби и други семејни веселби.
За соработката со Анета на својата официјална страница истакнаа дека станува збор за музичка комбинација која ветува незаборавни настапи и нови хитови.
Анета пак, си замина од ,,Молика” набргу откако се разведе од музичарот и фронтмен на бендот, Џими Мицевски.
Тогаш открија дека ќе ги одработат заедно веќе договорените настапи на ,,Молика”, а потоа секој продолжува на своја страна.
„Молика“ во неколку наврати настапуваше со Сузана Гавазова како нивна вокалистка, но засега нема информација за трајно ангажирање на нова пејачка во бендот.
Вики Клинчарова