После Македонија, Дубаи станува нова омилена дестинација за настапи на регионалните турбо фолк пејачи!

by fokus

Со години наназад Македонија е привлечна дестинација за регионалните турбо фолк пејачи, кои се редовни музички гости не само во домашните клубови и ресторани, туку и на големи општински манифестации.
Голем број од нив се случува да одржат и по десеттина настапи годишно кај нас, односно да имаат повеќе концерти во Македонија, отколку во нивната матична земја, за кои добиваат суми од илјадници евра за околу два часа пеење.

Но, изминатиот период регионалната турбо-фолк естрада има нова популарна дестинација за одржување на концерти, и се почесто на социјалните мрежи може да се видат најавите за големи балкански забави во Дубаи, еден од најлуксузните светски градови.

Освен најавите за концертите, се објавуваат и фотографии и видео снимки од настаните, на кои присуствуваат голем број македонски граѓани, љубители на турбо фолк музиката.

Таков настан неодамна се одржа во Дубаи, во клуб во хотелот ,,Хилтон”, кога концерт имаше Харис Џиновиќ, а во бројната публика, претежно од Србија, беа забележани и поранешниот премиер Зоран Заев, како и поранешниот министер за здравство, односно актуелен лидер на СДСМ, Венко Филипче.

Концерт во Дубаи пред пет дена одржа и Цеца Ражнатовиќ, а на сцената во популарниот Вице клуб, кој се наоѓа во хотелот ,,Рами дрим” се појави и велешанецот Мики Секуловски. Изминатиот период тој во повеќе наврати настапува со Цеца, и на настанот во Дубаи од објавените видео снимки може да се види дека во публиката покрај бројни познати српски јавни личности, има и посетители од Македонија.

Некои заминале специјално за концертот, а пак некои кои живеат и работат во Дубаи подолг период, не сакале да ја пропуштат можноста да уживаат во Балканска забава, додека се далеку од дома.

Како што раскажуваат нашинци кои живеат во Дубаи, се почесто им доаѓаат познати регионални музички имиња, и во луксузните клубови се прават забави за памтење.

-Конкретно клубот Вице е познат по балканските забави. Покра Цеца, изминатиот период овде имаат гостувано и Ацо Пејовиќ, Дејан Матиќ, Пеѓа Меденица, Вики Миљковиќ, Слаѓа Алегро… Во публиката може да се види српската елита, но и многу Македонци кои се успешни луѓе и можат да одвојат средства за еден ваков настан.
Не е евтино искуството, ама затоа пак, е незаборавно, ни раскажаа наши иселеници кои во последните години живеат во Дубаи, еден од најлуксузните градови во Обединетите Арапски Емирати.

Инаку, Дубаи е светска туристичка атракција со висок животен стандард, каде се повеќе расте стапката на доселеници. Има бројни шопинг центри, арапски пазари, луксузни хотели и клубови, и важи за туристичка оаза среде пустина.


Вики Клинчарова

Поврзани новости