Крушево во изминатите четири дена се соочуваше со сериозни проблеми со недостаток на вода, откако претходно се расипа моторот за пумпите и делови од градот останаа без најосновната потреба во животот.
Директорот на ЈП Комуна Крушево, Наум Илиески, доцна синоќа информираше дека проблемот конечно е решен и дека градот полека се враќа во нормала.
„Проблемот со водоснабдувањето конечно решен. Крушево од вечерва полека ќе се враќа во нормала.
Благодарност до ОКТА, РЕК, градоначалници, директори, министри и сите оние кои кренаа телефон и понудија помош. Благодарност и до тие кои не не удостоија со кревање телефон. Посебна благодарност до огромниот број граѓани на град Крушево за нивното трпение, поддршка и разбирање за проблемот. Изразувам благодарност и до оние граѓани кои од разно разни ( пред се суетни и психопатолошки ) причини не сакаа брзо решавање на проблемот па урлаа низ чаршија хранејќи си го своето сиромашно его а при тоа незнаејќи дека со тоа само ни даваат поголем елан во справувањето со оваа ненадејна катастрофа. За крај, најголема благодарност до луѓето од ЈП Комуна кои деноноќно беа на терен. Изминативе 72 часа се трудев да бидам што е можно подостапен за моите сограѓани. Секому да кренам телефон, да дадам одговор на секое прашање. Можеби одговорот „не знам“ некого со право го нервираше но верувајте дека тоа бил единствениот одговор во тој момент. Ви тврдам дека сум бил максимално искрен. Се надевам дека од ова сите ќе извлечиме поука во смисла повеќе да ја цениме водата. Без неа нема живот“, порача Илиески.