Поскапени билетите за Крушево, превозникот вели: Цената е реална и ако сакам ќе ја зголемам на 530 денари

by fokus

„Метро-Транс“, единствениот превозник со директна линија од Крушево за Скопје, од минатата седмица реши да ги укине повратните билети и да воведе билет во еден правец кој ќе чини 430 денари.

Ова наиде на револт на крушевчани и останатите туристи кои доаѓаат во градот, сметајќи дека картата е премногу скапа.

 

Управителот на „Метро-Транс“, Сеат Топалоски, ни изјави дека причината за ваквата одлука е финансиска.

„Економски беше неисплатливо и мораше да се случи тоа. Мислам дека цената е реална, и ако сакам ќе ја покачам на 530 денари. Се изминуваат околу 400 километри до Крушево и назад. Јас како сопственик имам право на тоа. Освен тоа, патиштата ни се мошне лоши и од камен да беа возилата ќе попуштеа. Што се однесува до патниците, тие треба веднаш да си ги заверат картите при пристигнување, а не да трчаат во последен момент кога си одат за Скопје или Крушево“, вели Топалоски.

Според градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, ваквиот развој на настаните не оди во прилог на градот.

„Во однос на покачувањето на картите јас како градоначалник не можам да зборувам зошто тоа е така, затоа што тоа е пазарна економија и тоа е работа на претприемачот. Сепак, поскапувањето во никој случај не значи добро за град како што е Крушево и развојот на туризмот кон кој локалната самоуправа се стреми. Колку што сум запознаен, соодветен инспектор е на терен и врши увид во работењето, а секако и службите делуваат по евентуални пријави на незадоволни патници. Сепак, во комуникација сме со дел од превозниците и последната неофицијална информација која ја добивме е дека Пелагонија транс повторно ќе ја воспостави линијата Крушево-Скопје-Крушево што, доколку се оствари, очекуваме цените да се намалат и сите да добиеме подобра и поевтина услуга. Ние ќе продолжиме да комуницираме со сите засегнати страни за граѓаните и посетителите на Крушево да добиваат подобра услуга, а што е најважно продолжуваме со изградба и промоција на општината за привлекување повеќе туристи“, истакна Христоски.

Ј.Ц.

Поврзани новости