Одредени компании го поскапеа лебот за 10 отсто, алармираат мелничарите. Според нив, тоа е импликација на зголемените цени на пченицата на светските берзи.
Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора – Горан Малишиќ во изјава за државната МИА вели дека во наредниот период, со почетокот на жетвата, се очекува цената да се стабилизира и да се намали, односно да се врати на истото ниво како што беше досега.
– Одредени компании го поскапеа лебот за 10 отсто зашто цените на брашното се зголемија за десетина проценти. Останатие пекарски производи остануваат на истото ниво. Очекуваме цената на лебот да се стабилизира со почетокот на жетвата – изјави Малишиќ.
Тој напомена дека се уште не се знае каков ќе биде квалитетот и квантитетот на пченицата.
– Тоа ќе се дознае со почетокот на жетвата. Како Групација очекуваме владата да остане на ланските мерки за субвенционирање на земјоделците во однос на пченицата и јачменот – три денара за килограм предадена пченица и 100 евра по хектар за принос од најмалку три тона јачмен – истакна Малишиќ.
Минатиот месец некои од пекарите тврдеа дека лебот нема да поскапи следните два месеца, како и дека неговата цена е стабилна.