Владата денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за поштенските услуги за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека за поставување ред и дисциплина при влез, во внатрешноста и при излез од капацитетите и објектите во кои се даваат поштенски услуги, за време на траење на вонредната состојба, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
Согласно оваа уредба, давателите на поштенски услуги се должни да обезбедат редарска служба при влезот, во внатрешноста и при излезот на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбеди спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и задолжително носење на заштитна маска, марама или шал со кој ќе бидат покриени устата и носот на корисникот на поштенската услуга кој влегува во објектот.
– Давателите на поштенски услуги се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на корисниците на поштенските услуги пред и внатре во објектот. Ознаките се поставуваат на растојание од најмалку два метри и тоа: пред секој пункт/шалтер на кои граѓаните пристапуваат за вршење поштенска услуга, како и пред влезот на објектот, информираат од Влада.
Уредбата ги задолжува давателите на поштенски услуги најмалку еднаш неделно да вршат превентивна дезинфекција во објектите во кои се даваат поштенски услуги.