Одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ денеска и утре ќе затвори за сообраќај неколку булевари во главниот град.
Почнувајќи од денеска од 13 часот па сè до завршување на состанокот в четврток, во сила ќе биде посебен сообраќаен режим кој ќе важи за главните сообраќајници околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде што ќе се одржува состанокот.
Според соопштението на МВР, затворен за сообраќај ќе биде булеварот „Илинден“ од крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“ кај Владата сè до крстосницата со улица „Љубљанска“ кај ТЦ „Сити мол“.
Овие два дена сообраќај нема да е можен ниту по булеварот „8 Септември“ на потегот од крстосницата со улица „Скупи“ кај Хубо маркет до крстосницата со булеварот „Партизански одреди“.
Од МВР додаваат дека во зависност од потребите, овие два дена е можно затворање и на други улици, притоа не прецизирајќи за кои сообраќајници станува збор.
„МВР апелира до сите граѓани – учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“ – посочуваат од Министерството за внатрешни работи.
И јавниот превоз со изменет сообраќаен режим на 29 и 30 ноември
Поради изменетиот режим на сообраќај, со изменет режим од вообичаениот ќе функционира и јавниот превоз во Скопје. В среда автобусите ќе возат вообичаено, согласно важечкиот зимски возен ред, а во четврток ќе сообраќаат по саботен возен ред. Дел од линиите ќе се движат по изменети траси.
„Почнувајќи од среда (29 ноевмри) од 13 часот, па сè до завршување на Министерскиотсовет на ОБСЕ в четврток (30 ноевмри), линиите 7, 8, 15, 15А, 18, 19, 21А, 26, 29, 59, и 118 ќе сообраќаат по изменети траси“ – информираат од ЈСП.
Линиите 8 и 15А наместо по булевар „Илинден“, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“.
Автобусите со број 7, 15, 19, 26, 29 и 59 наместо на крајните терминали во населбите Карпош 3 и Карпош 4, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“, па десно по улица „Никола Парапунов“ каде што продолжуваат десно по булевар „Илинден“, па десно по улица „Љубљанска“, па со лево свртување ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“.
Линиите 18, 21А и 118 од булевар „Крсте Петков Мисирков“ ќе продолжуваат право кон Бит-пазар, потоа по булевар „Никола Карев“ (кај Пластичарска улица) и од кај Момин поток ќе продолжуваат по сопствените редовни траси до крајните стојалишта.