Измислица. Чиста измислица која и денес стои во документите, енциклопедиите и изјавите од тоа време, со гордиот наслов : ,,Пакет Пињеиро“. А, никаков пакет немаше. Тоа што тој го рече беше истата порака која Грците ни ја праќаа од разни страни, а се сведуваше на пари и економска помош за името.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Паралелно со американската, ја теравме и европската приказна. На почетокот од 1992 година Португалија беше старо-новиот претседавач со ЕЗ, па така, дипломатијата на Заедницата падна во рацете на Жоао Пињеиро.
Роден во 1945 Пињеиро има образование од областа на хемиско-индустриското инженерство.
Пред да влезее во политиката, овој доктор на науки на универзитетот од Бирмингем, има академска кариера на универзитетот во Мозамбик и во Португалија. Министер за образовани, а потоа министер за надворешни работи од 1987 до 1992, својство во кое учествува во Брионскиот договор со кој се запира десетдневната војна во Словенија.
Од министерската позиција Пињеиро се префрла на две нови: станува член на европскиот парламент, а потоа комесар на ЕУ.
„ЧЕСНИОТ“ ПИЊЕИРО
Во таа 1992 година нашите очекувања од португалското претседателство беа големи, колку и нашите маки. Значи – многу големи.
Меѓутоа, бргу ми стана јасно дека младата членка на ЕЗ, предводена од министер за надворешни работи со толкаво големо име – Жоао ди Деус Рогадо Салвадор Пињеиро, имаше попаметни нешта отколку да го троши времето на својот голем политички и дипломатски триумф, на Македонија.
Имав впечаток дека сите шест месеци привилегија да претседава со моќните држави на Европа, Пињеиро ги потроши за интересите на својата држава и, претпоставувам, за себе лично. Ништо невообичаено.
Во еден свет во кој интересите помеѓу државите но и помеѓу поединците се исковани од железо, политичарот мора да има морал од челика за барем малку да застане на страната на правдата.
Но, Пињеиро, идниот комесар на ЕУ, не беше тој човек! „Јас сум чесен човек!“, беа првите зборови што ми ги рече ситниот Португалец, со лице врамено во брадичка, за да ги растера моите сомнежи за способноста на Унијата да застане на страната на правдата.
Токму овие негови зборви ме замислија, зашто секогаш сум мислел дека чесноста произлегува од постапките на луѓето, а не од нивните изјави.
Се сетив и на едно психолошко истражување кое вели дека најдобро ќе го познаеш човекот чиј примарен интерес се парите, по тоа што своето пледоаје го почнува со зборовите: „Ова не го правам за пари!“. Исто ли е со чесноста?
Со одлуката на Арбитражната комисија в рака, одев низ Европа, покажувајќи со прст на делот од текстот во кој стоеше дека спорот за името е апсолвиран. Но, Грција мислеше поинаку. За Грците проблемот беше далеку од решен.
Незадоволна од одлуката на уставните судии на Заедницата, Грција инсистираше на поинакво решение. Зделката со Португалија, чинам, била направена. Пињеиро избегнуваше средби со мене и ја тераше грчката линија до сопствената морална катастрофа, како јас гледав, на самитот во Лисабон.
Како да се дојде до Пињеиро беше големо прашање за мене. Здогледувајќи го на улица во Брисел како во добро расположение прегрнати со сопругата гледаат во некаков излог, им пристапив да се поздравам. Брзината со која го сторив тоа ги сепна и ги исплаши, но бргу се созедоа. „Скоро, скоро, скоро ќе се видиме“, ме уверуваше со многу неуверлив глас.
ПОРТУГАЛСКИОТ ПАКЕТ
Кога тоа конечно се случи во просториите на португалската амбасада во Брисел, една убава старинска куќа, немаше ништо суштински да ми каже. Зборуваша за некаков „пакет“ што Унијата ќе го подготвела, во кој ќе сме нашле компромисно решение за името и голема економска помош.
Се разбира, не ми беше јасно какво е тоа компромисно решение кога никој не сака да зборува со нас, но инсистирав да видам што би содржел португалскиот „пакет“. Измислица. Чиста измислица која и денес стои во документите, енциклопедиите и изјавите од тоа време, со гордиот наслов : „Пакет Пињеиро„.
А, никаков пакет немаше. Тоа што тој го рече беше истата порака која Грците ни ја праќаа од разни страни, а се сведуваше на пари и економска помош за името.
Анализите за тоа време пишуваат како тој, Пињеиро, им пристапил на двете страни и им предложил два документа, едниот против територијални барања, а другиот против непријателска пропаганда, нешто што го апсолвиравме со измените на македонскиот устав; дека Пињеиро предложил „Нова Македонија“, додуша само усно; како ние сме ги прифатиле двата документа, но не и името.
Манипулација со вистината. Вистината е дека додека колежите на северот од Југославија продолжуваа, а опасноста тие да се прошират на југот се зголемуваа, Пињеиро имаше една цел – да ги исполнува желбите на Грција.
На 10 април 1992, преку нивната амбасада во Белград добивам официјално писмо од министерот заа надворешни работи на Португалија, Жоао де Деуш Пињеиро, со кое ми ги упатува на увид документите што ги добил од грчката влада: договор за потврдување на постоечката граница и писмо што би било разменето помеѓу одговорните власти на двете републики, кое се однесува на некои билатерални прашања.
Свесен дека не ја игра улогата согласно правилата на Заедницата, Пињеиро, за приложените документи пишува дека „тие не треба да се сметаат како израз на погледите на претседателството на ЕЗ“, но од друга страна ми вели дека би бил благодарен „ако му ги изнесам своите коментари на овие документи што е можно побргу“.
ПОРТУГАЛИЈА БЕШЕ НА СТРАНАТА НА ГАРЦИЈА
Првиот документ беше излишен бидејќи ние веќе се обврзавме на непроменливост на границата со уставни амандмани што ни овозможи да добиеме позитивно мислење од Арбитражната комисија на ЕЗ. Меѓутоа, Грците не беа задоволни со таа постапка како што не беа задоволни и од работата на Арбитражната комисија.
Во „нон-пејперот“ што беше закачен во прилог на договорот насловен „Предлози за измени на уставот на Македонија“ се сугерираат нови промени. Во преамбулата бараат да се избрише делот „…и особено традициите на државно-правност на Крушевската република и историските одлуки на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија…“.
Во текстот на уставот ги сугерираат следниве промени: „член 3, избришете го третиот параграф: границите на Република Македонија може да се менуваат само во согласност со уставот; член 49, првиот параграф: избришете – …лицата што припаѓаат на македонскиот народ во соседните земји …; член 68: избришете – …носи одлуки кои се однесуваат на какви било промени на границите на Републиката; член 74, избришете го целиот член …
Собранието донесува одлуки за какви било промени на границите на Република Македонија со двотретинско мнозинство од гласовите на вкупниот број на пратеници. Одлуката за било која промена на границите се прифаќа на референдум, доколку е усвоена од мнозинството на вкупниот број гласови…“.
Оваа листа на желби продолжува со уште посериозни теми во едно предложено писмо кое што двете страни треба да го потпишат. Стануваше се појасно дека Португалија и нејзиниот министер за надворешни работи не се посредници меѓу Грција и Македонија, туку поштенско сандаче за грчките желби кои требаа да ни бидат пренесени.
(Продолжува)