Португалскиот премиер Антонио Коста поднесе оставка поради истрагата за наводните неправилности на неговата мнозинска социјалистичка администрација во управувањето со проектите за ископ на литиум и водород во земјата.
Тој ја објави одлуката во телевизиска изјава по средбата со претседателот Марсело Ребело де Соуза. Рече дека совеста му е чиста, но дека повеќе нема да се кандидира за премиер.
„Достоинството што доаѓа со функцијата премиер не е компатибилно со никакво сомневање за неговиот интегритет, добро однесување, а уште помалку со сомневање за учество во какво било криминално дело“, рече Коста на новинарите.
Претходно денеска, обвинителите го именуваа министерот за инфраструктура Жоао Галамба како официјално осомничен и го приведоа шефот на кабинетот на Коста. Опозицијата побара владата веднаш да поднесе оставка.
За истите обвиненија уапсени се и градоначалникот на Синес и двајца бизнисмени.
Португалските медиуми јавуваат дека се работи за операции поврзани со литиум, кои се вршат во областите Монталегре на север и Синес на југот на земјата. Сите се осомничени за злоупотреба на влијание.