Текстот е објавен на 28 ноември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.521.
Дали го помилувавте Бедри Зекири – ова прашање му го упати Сиљановска на Пендаровски на еден предизборен дуел, обвинувајќи го дека амнестирал докажан криминалец и дилер. За волја на вистината, прашањето на Сиљановска беше на место, од причина што Зекири е дел од нарко-кланот „Барон“, кој води битка за превласт со криминалниот сојуз „Грчец-Дуќанџик“, па Пендаровски требало да води сметка кому дели милост. Арно ама, откако седна на претседателската фотелја, и Сиљановска помилуваше високо рангиран член на подземјето – Акив Равмановски, исто така од „Барон“. Но, сега од позиција на власт, таа го нема истиот критички став и аршин, туку смета дека немало ништо спорно во помилувањето на Равмановски, како и на уште еден „интересен лик во негативна смисла“ – Шенол Маслани, близок до групата „Беланоца“. Да биде иронијата поголема, Равмановски е осомничен дека извршил обид за убиство додека одлежувал затворска казна, а братот на Маслани (Фарук Маслани) деновиве учествувал во огнена престрелка. Во меѓувреме, во полициска акција против оваа криминална група, осомничена и за низа ликвидации, „паднаа“ неколку лица, меѓу кои уште еден од браќата на помилуваниот Маслани – Мирвет Маслани.
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Пензионираната универзитетска професорка од скопскиот Правен факултет, Гордана Сиљановска-Давкова, на последните претседателски избори, во втор обид, успеа да се избори за функцијата претседател на државата, која важи за највисока функција во државната хиерархија, иако содржи далеку послаби надлежности во извршна смисла, во споредба со другиот сегмент на извршната власт – владата предводена од премиерот.
За потсетување, таа учествуваше и на претседателските избори во 2019 година, кога тогашното реформирано ВМРО-ДПМНЕ, на чело со актуелниот премиер Христијан Мицкоски, успеа да ја кандиса Сиљановска да влезе во трка за шеф на државата, без оглед што такви амбиции пројави и еден долгогодишен партиски профил – Влатко Ѓорчев, кој, за волја на вистината, беше еден од ретките препознатливи вмровски кадри, кој уште во старт го поддржа Мицкоски за наследник на Никола Груевски.
Сепак, со поддршка на Мицкоски и партиското раководство, Сиљановска убедливо го порази Ѓорчев на партиската конвенција и стана претседателски кандидат од редовите на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На тие избори, Сиљановска загуби во тесна трка од Стево Пендаровски, кој беше поддржан од многу поголема владејачка коалиција предводена од СДСМ и засилена со ДУИ.
И покрај тоа што Пендаровски стана претседател со 58 илјади гласови повеќе од противкандидатката (во првиот круг разликата во негова корист беше само 4.240 гласа), сепак, ВМРО-ДПМНЕ беше задоволно од освоените гласови на Сиљановска – 318.341 во првиот и 377.446 во вториот круг. Ваквиот исход на Белата палата го толкуваа како знак дека партијата повторно застанува на здрави нозе, откако беше целосно стигматизирана по „крвавиот четврток“ и серијата обвиненија и судски процеси.
Така, ВМРО-ДПМНЕ, за многу кратко време се врати во игра и стана посилна од СДСМ гледано „еден на еден“, откако на локалните избори во 2017 година претрпе вистински дебакл. Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ не успеа да дојде на власт на парламентарните избори во 2020 година, од едноставна причина што СДСМ предводена од Зоран Заев направи поширока коалиција заедно со БЕСА, што им ја донесе клучната предност од плус 2 пратеника.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ не се откажа од Сиљановска, туку напротив – таа на парламентарните избори беше носител на пратеничката листа во првата скопска изборна единица, каде што се судри со двоецот Никола Димитров-Мила Царовска. Кога ќе се погледнат бројките, произлегува дека ВМРО-ДПМНЕ загубило само во „единицата“, се разбира, ако се исклучи шестата тетовско-гостиварска ИЕ, каде што СДСМ беше неспорен фаворит поради изворната поддршка од дел од албанското население, како и поради предизборната коалиција со БЕСА.
Поточно, на тие избори, коалицијата на СДСМ во првата ИЕ освои 54.618 гласови или 8 пратеници, додека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 50.564 гласови или 7 пратеници. Што се однесува во другите изборни области, ВМРО-ДПМНЕ извади нерешено во „двојката“ (7-7), во четворката (10-10) и во „петката“ (8-8), со тоа што треба да се посочи дека СДСМ тука настапи со Заев и со други влијателни функционери – Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска. Дури, ВМРО-ДПМНЕ во „тројката“ успеа да освои пратеник повеќе (10-9).
Како и да е, Сиљановска влезе во парламентот и беше една од најактивните пратенички. Во тие години, таа почесто се споменуваше како иден собраниски спикер по очекуваното преземање на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ, отколку како претседателски кандидат. Згора на тоа, за оваа функција се лиферуваа имиња на други партиски и непартиски лица, од кои највисок рејтинг имал докторот Сашко Кедев.
Арно ама, како што одминуваше времето, името на Сиљановска сѐ повеќе избиваше на површина како повторен претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. На крајот, таа доби можност да му се реваншира на Пендаровски и се чини дека одлично ја искористи шансата, со оглед дека во првиот круг направи разлика од плус 182.586 гласови, што влијаеше во вториот круг уште повеќе да го зголеми личниот резултат (561.000 наспроти 251.899), но и да влијае и врз резултатот на ВМРО-ДПМНЕ, чија победа врз СДСМ беше со разлика од 281.349 гласови и 40 пратеници.
Впрочем, така се движеше заедничкиот пат на Сиљановска, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски од длабока опозиција и изолација до убедлив изборен триумф, кој им овозможи контрола во собранието и преземање на извршната власт, откако на претходните локални избори во 2021 година освоија и најголем дел од единиците на локалната самоуправа. Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ моментално има апсолутна доминација на политичката сцена, која се очекува да се одржи, па можеби и засили по следните локални избори следната 2025 година.
ПРАВО И ПРАВДА
Инаку, целта на оваа хронологија е да се отслика заемното влијание што си го извршиле Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски. Од една страна, Сиљановска помогна во обновата и заздравувањето на оштетеното ткиво на ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, пак, Мицкоски ѝ даде шанса по завршувањето на академската кариера да заплива во политичките води и со текот на времето да се искачи на домашниот политички Олимп, како што фигуративно може да се дефинира претседателската функција.
Всушност, и не е толку битно како Сиљановска станала претседателка, туку како (ќе) ја врши функцијата? Што ветувала пред избори, кога ја барала и ја добила довербата од гласачите, како и дали досега се однесува во сообразност со дадените ветувања, бидејќи, нели, по утрото се познава денот? Дали при остварување на надлежностите ќе се води исклучиво од законски норми и морални принципи, или, пак, ќе преовладаат одредени лични или групни интереси?
Во таа насока, треба да се нагласи дека едно од стожерните предизборни ветувања на Сиљановска, кое проветрувало во речиси секој нејзин јавен настап, интервју, митинг, е дека ќе се залага за правда, правна држава и владеење на правото. Како што говореше уште во кампањата во 2019 година, единствената европска и демократска филозофија, кој е дел и од нејзината изборна програма, е владеење на правото, правдата и европските стандарди.
– Членките на ЕУ, особено основачите, имаат лошо искуство со земји што пред нас станале членки на ЕУ, но имале сериозни проблеми со судството. Треба да го знаеме искуството од Романија, но премиерот (Заев) и луѓето околу него мислеа дека Преспанскиот договор е доволен, да биде алиби во барањето за почетокот на преговори. Затоа ние се повикуваме на владеење на правото и на правдата, оти без тој услов нема почеток на преговори, ниту европеизацијата – говореше Сиљановска на средба со граѓани во Прилеп.
Понатаму, на митинг во Свети Николе истата година, таа порача дека без владеење на правото и правдата, без битка со криминал и корупција, без битка со непотизам, но и без подобрен здравствен систем и квалитетно образование, тешко ќе добиеме датум за преговори за ЕУ. Лошата политика, како што нагласи тогаш, не може да го згази правото.
–Лошата политика треба да се санкционира. Власта (на СДСМ и ДУИ) нон-стоп зборува за политика, а ние нон-стоп ги предупредуваме на правото, ама правото е пред политиката. Оти ако политиката не е ограничена со правото, ако не е под правото, ако не е врамена во правото, ќе доведе до дискрециски овластувања. Ќе доведе до постапувања што не водат сметка за човековите слободи и права – рече Сиљановска.
Со ист тон и наратив продолжи и за време на парламентарните избори во следната 2020 година, кога во улога на кандидат за пратеник порача дека „мора да се воспостави владеење на правото“, бидејќи, според неа, тоа е есенцијално ако сакаме просперитет. Патем, таа истакна дека е потребно воспоставување систем на вредности и почитување на законите, а токму на тоа рече дека се обврзува коалицијата што таа ја претставува.
– Потребно е воспоставување систем на вредности и почитување на законите, тоа се работи на кои се обврзуваме – рече Сиљановска на митинг во Кисела Вода, обвинувајќи ја тогашната власт за криминално однесување и законски прекршувања, поради тоа што во предизборието се отворале и пуштале инфраструктурни објект и патишта, се покачувале плати и пензии, се делеле субвенции…
За време на оваа предизборна кампања, актуелната претседателка, тогаш во својство на кандидатка за пратеник, даде интервју за „Фокус“, во кое, меѓу другото, беше прашана кои теми ќе доминираат во текот на кампањата? Односно, дали клучно ќе биде справувањето со здравствената и економската криза, предизвикана од ковид-пандемијата, или ќе се обидат да наметнат и други теми? Во одговорот што го добивме беше споменато и владеењето на правото.
–Ние ќе ги отвориме прашањата врзани за кризата на демократијата и владеењето на правото и ќе понудиме системски решенија за обнова, преку формално правни и институционални решенија во сите сфери и дејности. Мора да се исправи Македонија на нозе во национална, еколошка, здравствена, културна, научна, образовна и социјална смисла, за да стане правна, пристојна, компатибилна европска држава, наместо опасна, црвена точка, која сите ја одбегнуваат – рече таа.
ПОДЕЛБА НА ВЛАСТА
За разлика од изборите во 2020 година, Сиљановска одлучи да нѐ игнорира во пресрет на последните претседателски избори годинава. Кога ѝ понудивме интервју, ни рече дека била во тешка трка, ќе ја проверела агендата и ќе ни пишела. Но, тоа никогаш не се случи, иако искомунициравме и со нејзин соработник од изборниот штаб, кој, пак, ни рече да му испратиме прашања, а тој ќе ги проследел до професорката.
Само таа и нејзините соработници знаат зошто кога веќе не сакаат или не можат да се појават во одреден медиум, што секако е нивно легитимно право, не ја одбијат поканата на јасен и директен начин, туку држат во исчекување и трошат туѓо време, небаре така расчистуваат и изедначуваат некакви стари сметки, а во суштина лечат комплекси. Нејсе.
Кога ќе се погледнат нејзините пораки од јавните настапи во тој период, може да се заклучи дека тие речиси целосно кореспондираат со пораките во претходните изборни циклуси, особено во делот на заложбите за владеење на правото. Воедно, истите постулати може да се сретнат во изборна програма, со која ја бараше и ја доби довербата од македонските граѓани. Сега, прашањето е дали ќе ги почитува и ќе се придржува со нив.
Имено, во програмата насловена „Македонија повторно горда – Гордана за Македонија“, наведени се т.н. принципи на дејствување. Уште во самиот вовед пишува: „Државата паѓа пред наши очи, неказнивоста води кон анархија, демократијата е во длабока криза, владеењето на правото урнисано…“. Патем, еден цел сегмент е посветен токму на владеењето на правото, каде што, покрај другото, стои:
„Јасно е дека во Македонија не владее правото. Поделбата на власта, темелната вредност на уставниот поредок, не се почитува. Спрегите и кочниците меѓу законодавната, извршната и судската власт се изместени. Собранието и претседателот на Републиката се сосема маргинализирани. Судската власт е далеку од независна, судските реформи се партизирани“.
Потоа, во нејзината програма се наведува дека власта е нетранспарентна, неефикасна и неодговорна пред граѓаните, дека општеството се соочува со ерозија на моралот, дека европеизацијата се сведе на политичка реторика, а не на реалност, дека економијата стагнира, а емиграцијата е постојана, како и дека ни се наметнува „северномакедонски идентитет“.
„Во Собранието нема делиберативна демократија и дискусија. Законите се носат без соработка со општествените чинители, без консултации со политичките опоненти. Често се случува некои закони што опозицијата смета дека се погрешни или се обидува да ги промени, да се туркаат скоро насила под таканареченото европското знаменце. Ние одамна немаме Собрание како законодавен и контролен орган на извршната власт.
По донесувањето, законите катастрофално се спроведуваат, односно некои одредби не се спроведуваат и има последици врз граѓаните, како, на пример, законските одредби околу животната средина. Стоп за партократијата, стоп за министрите од коалицискиот партнер што не се одговорни пред премиерот, туку пред лидерот на таа партија. Се залагам за меритократија“, стои во изборната програма на Сиљановска.
Откако дава дијагноза на состојбите, таа ветува дека како претседателка ќе ги искористи сите уставни овластувања во согласност со принципот на поделба на власта, во насока на воспоставување владеење на правото. Потоа, се обврзала дека јавно ќе бара целосна одговорност за секое прекршување на правните норми и моралните начела од страна на одговорните лица од власта на секое ниво и подрачје на дејствување.
„Изгубената доверба во институциите, во системот и во државата може да се поврати единствено преку еднаквост на сите пред законите и преку воспоставување највисоки етички правила за функционерите. Нивната мисија мора да биде секојдневно да работат во интерес и во служба на граѓаните, одговорно, транспарентно и отчетно. Не смее да постои никаква толеранција за отстапувања од тој систем на вредности и застапувања на лични, партиски или бизнис-интереси“, навела Сиљановска.
НАРКО-КЛАНОВИ
Додека постојано го нагласува принципот на владеење на правото, Сиљановска го споменува и правото да помилува, при што вели дека ќе се води од правото, но и од правдата како негов коректив. Давањето помилувања како надлежност на претседателот, напишала таа, секогаш ќе биде во согласност со Законот, но со водење сметка за независноста на правосудството. Арно ама, токму првата рунда на помилувања со нејзина одлука или потпис, сеедно, предизвика бура на реакции во јавноста.
Станува збор за помилувања во текот на минатиот месец на 10 осуденици. Од нив, на тројца им се замени извршувањето на затворската казна со условна казна, иако Министерството за правда дало негативна препорака, додека на останатите седуммина им се скратило времетраењето на казната. Оваа одлука е објавена во Службен весник на 22 октомври, но не се наведени информациите за кривичните дела. За кои лица се работи?
Еден од нив е поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески, кому Сиљановска му скрати 1 година од затворската казна, така што му остануваат за извршување уште околу 3 години. Како што е познато, Талески беше осуден на 7 години затвор во предметот „Транспортер“ покренат од поранешното СЈО, кое го гонеше за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.
Потоа, делумно помилување од 3 месеци помала казна доби и разузнавачот Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“. Меѓу делумно ослободените се и Мухарем Али и Томислав Симонов од Скопје, Тодор Попов од Миравци, Перо Кузмановски од Градско и Живко Делиџаков од Богородица, кои добија намалување на затворските казни по 2, односно 3 месеци. Целосен прекин на извршувањето на затворската казна, пак, добија 3 лица: Никола Трпчески од Охрид, како и Акиф Равмановски и Шенол Маслани од Арачиново.
Токму последните двајца се најконтроверзните ликови од листата на помилувани, имајќи предвид дека се работи за лица од скопското подземје, кои биле вклучени во криминални активности, за што мерки презеле и институциите, но долг период наназад пишувале и медиумите. Конкретно, Равмановски е дел од криминалниот клан во подем „Барон“, додека Маслани и неговите браќа се сметаат за блиски до сојузничкиот клан „Беланоца“.
„Почитувана… бескрајна благодарност до вас! Се гордеам што токму вие сте нашата Прва дама на Републиката!“, напиша Равмановски на социјалните мрежи, откако доби помилување од Сиљановска. Сепак, неговата радост траеше кратко, бидејќи веднаш по излегувањето на слобода беше уапсен како осомничен за обид за убиство во Чаир врз лице од конкурентскиот клан „Грчец“. Да биде иронијата поголема, тој се сомничи дека делото го извршил додека активно издржувал затворска казна, но излегувал од затвор поради работен ангажиран?!
Што се однесува до Маслани, тој во 2019 година беше уапсен во голема акција, кога полицијата заплени пушки, пиштоли, автомобили, пари и дрога. Тогаш, полицијата се сомневаше дека тој е еден од 12-члената група што се заканувала на полициски службеник, пуштала во промет дрога и поседувала оружје, но против него не беше поднесена кривична пријава. Набргу откако беше помилуван, како што известија дел од медиумите, неговиот брат Фарук Маслани учествувал во огнена престрелка во Арачиново?!
Нивниот трет брат е Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче, поради тоа што негов омилен моден бренд е Версаче. На социјалните мрежи, а понекогаш и по порталите, тој отворено го промовира луксузниот стил и начин на живот, често може да се види сликан покрај пари, автомобили и вили, како и на разни забави. Тројцата браќа Маслани се во роднинска врска со Фатљум Ајети-Тоте од кланот „Беланоца“, кој своевремено го основал неговиот татко Џеладин Ајети-Џељо, а по неговата смрт го предводел Наим Ајети – брат на Џељо и чичко на Тоте.
– Шокантни се скандалозните помилувања од страна на претседателката Сиљановска, која помилувала осудени криминалци, дел од нарко-кланови, уапсени во големи полициски акции со заплени на оружје, пари и дрога. За дел од помилуваните има основани индиции дека се вмешани и во други кривични дела и криминални пресметки, како што беше пукањето во Чаир. Со овие скандалозни одлуки, Давкова застана во заштита на криминалците и нарко-клановите.
Ова е погазување на правото и правната држава. Ова е силен удар врз безбедноста на граѓаните и врз работата на полицијата и надлежните институции. Осудени криминалци треба да се соочат со правдата, а не да шетаат слободно и да хараат по улиците. Во услови кога на улиците има зголемени криминални пресметки, овие помилувања дополнително ќе ги охрабрат криминалците, со што директно се загрозува безбедноста на граѓаните. Давкова го поткопува владеењето на правото – реагираше Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
КРИМИНАЛЦИ ИЛИ СТУДЕНТИ
По реакциите во јавноста, Сиљановска се огласи преку изјава за „ТВ 21“, каде што рече дека помилуваните личности се „навистина интересни во негативна смисла на зборот“. Притоа, таа се правдаше дека за тој факт станала свесна по помилувањата што ги извршила на предлог на Комисијата за помилување. Како што објаснуваше, помилувањата биле извршени врз основа на стореното дело, а не врз основа на имиња и презимиња.
– Прво, јас кога ја конституирав Комисијата за помилување, која е составена од врвни експерти во оваа област и познавачи, реков дека ќе ја почитувам нивната работа. Мислам дека кога се даваат коментари, се заборава на што. Значи, вие делото го анализирате, така? Пред сѐ, делото. Кога се работи, јас веќе и имињата не ги знам да бидам искрена, меѓутоа кога јас ги потпишав овие одлуки по што се водев?
Се водев од тоа дека во првиот случај, не го знам ни името како беше да бидам искрена, пресудата е 1 година и 3 месеци и делото се однесува на неовластено поседување оружје и на 5 куршуми. Тоа е делото. Кај вториот случај се работи за дело кое е врзано со насилство или на некоја наплатна станица некоја тепачка и казната е 6 месеци. Веројатно тие се воделе од ова.
Да, личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот, тоа е факт и сега го гледам јас тоа, но јас велам дека тие се воделе од конкретните дела. Претпоставувам дека има начин значи да се санкционира, бидејќи да било делото членство во злосторнички здруженија, веројатно поинаку би било – рече Сиљановска.
Претседателот на Комисијата, Методија Каневчев, пак, изјави дека првостепената пресуда на Основниот кривичен суд-Скопје за Равмановски била условна и потоа заменета со ефективен затвор од страна на повисокиот Апелациски суд. Како што рече Каневчев на Телма, тој бил осуден за поседување оружје на ефективна казна затвор од една година и три месеци, а дома му е најден пиштол со пет проектили.
–Ние се раководевме од околноста што првостепената пресуда била условна осуда, утврдена казна од две години, со рок на проверување пет години. Апелацискиот суд ја преиначува пресудата во делот на казната и се решава за ефективна казна, тоа е онаа казна од една година и три месеци. Ние го разгледавме случајот и заклучивме, тој се однесувал пристојно во затворот, не бил дисциплински казнуван, дека е со високо образование, дека е женет, дека има семејство. Поим немав дека бил некаков шеф на некаков клан – рече тој.
На дополнително прашање дали го проверуваат профилот на лицата, тој рече дека проверуваат сѐ, бидејќи од Министерството за правда добиваат книга со сите молби за помилување, со сите осудени лица и за сите поединости. И неговиот колега, Гордан Калајџиев, изјави оти е изненаден од жестината на нападите во врска со помилувањата, кои, како што истакна, лично ги цени дека се повеќе од политичка природа.
– Во неколку наврати се напаѓаат претседателите за тоа кого избрале (да помилуваат). Прво, тоа е лесен таргет, бидејќи се помилуваат криминалци по дефиниција, не се тие студенти и оттука е многу лесно да манипулирате со тој факт. Штетно би било кога ние би морале да ја менуваме тактиката во смисла да треба да собираме, условно речено, полициски и разузнавачки податоци, бидејќи ние сме правна комисија и ги разгледуваме судските документи, извештаите од затворите и нивното мислење – рече Калајџиев.
На крајот, Комисијата поднесе колективна оставка од етички причини, па Сиљановска избра нова комисија на чело со Милка Ристова. Но, тоа не може да ги затвори отворените прашања, пред сѐ – каде лежи вината за спорните помилувања? Дали одговорноста е индивидуална, колективна или, пак, можеби системска? Колку е политички коректно и пристојно сите вклучени да бегаат од одговорност, кога дел од нив, при иста ситуација ама обратни улоги, го критикуваа Пендаровски за помилувањето на уште еден член на „Барон“, Бедри Зекири?
„Во 2019 година ветуваше дека ако нема правда, нема да има мир. Ветуваше дека тие што сториле криминал ќе одговараат неселективно. Велеше дека од позицијата претседател нема да му падне на памет да амнестира криминалци. Ај што не си додржа до зборот, туку помилуваше лице што е лидер на нарко-картел во Скопје одговорен за мафијашки убиства и нелегална трговија со дрога“, реагираа тогаш од ВМРО-ДПМНЕ, чиј претседателски кандидат беше Сиљановска.
„НЕМОЈТЕ, ВЕ МОЛАМ“
„Дали го помилувавте Бедри Зекири“, праша Сиљановска во еден од предизборните дуели со Пендаровски, кој, пак, одговори дека не го помилувал за нарко-трафикантство, туку за учество во тепачка. „Немојте ве молам“, изреагира Сиљановска за аргументите на Пендаровски, кој тогаш практично презентираше безмалку исто образложение како сега Сиљановска, кое се сведува на тезата дека одлуката е законска и таа е донесена врз основа на делото, без да се има во предвид целиот бекграунд на лицето.
„Скандалозната одлука на претседателката Сиљановска да помилува криминалци кои се дел од нарко-групи покажува дека нејзината влада има „долгови“ и кон криминалното подземје. Токму Сиљановска го обвини Пендаровски дека помилувал член на кланот „Барон“, а потоа излезе веста дека претседателката помилувала криминалец од оваа група што го тероризира Скопје“, реагираа од Левица на Димитар Апасиев.
Во меѓувреме, Сиљановска се појави на интервју на МРТВ, каде што посочи дека сега најважно е новата Комисија да ги свика членовите на сите претходни комисии за помилувања за да ги чуе нивните забелешки, искуства и предлози. Според неа, Законот за помилување е многу дефектен по укинувањето на одредени членови од страна на Уставниот суд, па, како што посочува, потребен е европски закон, со цел комисијата да може да го преземе товарот на одлучувањето.
– Праксата во светот покажува дека, да, има држави во апсолутизмот и некои други како САД, каде што зборот на претседателот е најважен, бидејќи се работи за милост. Милоста се дава како нешто, како шанса за социјализација и ресоцијализација. Но, во нашиот случај, милоста не е на апсолутен монарх. Комисијата како прво не е законско тело.
Не може од Комисијата да ѕвонат во Судот и да бараат дополнителни докази. Доказите ги обезбедува и фактите ги проверува Судот, а не Комисијата. Јас не можам да проверувам јавувајќи се во Судот, тоа е мешање во независно судство. Не може да проверувам јавувајќи се во АНБ или во АР, бидејќи немам таква надлежност. Нам ни треба закон кога точно ќе се утврди кој како и што прави.
Најголема опасност за овој процес е да се политизира или партизира. Одговорно тврдам дека Комисијата работеше според Законот. Шокантно звучи кога ќе чуете како некој ослободил од нарко-картел итн. Стопати ги прочитав досиејата од што се раководеле. Двете лица што се најпроблематични имале најниски казни.
Едниот значи веќе е, и тоа се прикрива, неколку месеци на слобода, бидејќи 8 часа работи надвор. Нему му истекла половина од казната и тој е надвор на слобода. Не сме тие ние што го ослободивме. Вториот е третообвинет и воопшто не учествувал во тепачката на наплатна станица, туку го возел возилото. Што треба да направиме?
Не е кривично дело и не може на телевизија да има обвиненија од типот член на нарко-картел. Треба да го следиме италијанскиот пример, за тоа разговарав со Матарела, претседателот на Италија. Ајде да донесеме некој закон за борба со мафијата. И ајде ние да собереме сила во независно судство да се осудат тие луѓе што се споменуваа за корупција, за, не знам, трговија со луѓе, за трговија со наркотици.
Не, делата што се напишани во нивното досие… Кај првиот пиштол со 5 куршуми, кај вториот дека ја возел колата од каде што излегле напаѓачите на наплатната станица. Ние не можеме на интернет да бараме податоци за ликовите, бидејќи помилувањето кое кај нас е минимално, мора да се однесува на социјализацијата и ресоцијализацијата за делата што се сторени.
Не може да речете дека на интернет има вакви и вакви податоци, мора да се држите до делото. Сетете се на САД и на обвиненијата што беа за најголемите криминалци дека не можеа да ги осудат, делата беа под таков и таков профил. Ние ќе се најдеме под обвинение за тортура над затвореници, ние сме држава со најмалку помилувања, со најмало време на помилувања. Зборувам за еден месец, 3 месеци, 6 месеци. Затворските услови – катастрофални – истакна Сиљановска.
НОВ ЗАКОН ЗА ПОМИЛУВАЊЕ
Според претседателката, непријатноста околу помилувањата била вештачки креирана во чудна атмосфера, во која аналитичари и политичари од фотелја заборавиле на законските одредби. Во тој контекст, посочи дека Законот точно утврдува оти постапката почнува во затворот, меѓутоа досието, биографијата, податоците, документите и нивната проверка е само надлежност на Судот.
–Вториот степен или врата е Министерството за правда. Некогаш таму имало Комисијa за помилувaње, сега таа не функционира. Но, и Правда кога предлага „да“ или „не“, треба да креира извештај, за да видиме зошто вели дека не треба да има или треба да има помилување. Следна или последна инстанца е Комисијата за помилување – рече Сиљаноска.
Пред изборите и пред промената на власта, Министерството за правда предложи нов Закон за помилување, кој бил разгледан и утврден на владина седница лани во декември. Според ова законско решение, претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење определени лица. При изготвувањето на законот, биле разгледани повеќе компаративни искуства од правните системи во државите членки на ЕУ.
„Причините за донесување на Законот за помилување, произлегуваат од недостатоците и од правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со предлогот. Она што е важно е што во него има прецизни рокови и докрај се прецизираат ингеренциите на сите засегнати страни што учествуваат во процесот.
Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими. Односно, со овој предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите на помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето“, објаснија од Министерството за правда.
Врз тој Закон за помилување една година работела Работна група, која предложи претседателот да не може да помилува по службена должност, туку само по молба на осудениот или неговото семејство. Иако овој закон стигнал и до Собрание, сепак, тој никогаш не беше усвоен. Од проверките што ги извршивме произлегува дека тој стигнал до второ читање, но до изборите не бил изгласан од пратениците.
Кои се разликите меѓу сѐ уште актуелниот закон, донесен во далечната 1993 година и двапати изменет и дополнет во 2009 и во 2016 година, и изработениот, ама недонесен закон? Според постоечкиот закон, постапката за ослободување од кривично гонење се поведува по молба на осудено лице или службена должност и може да се поведе во секој момент од кривичната постапка. Молбата за помилување се поднесува преку судот што ја изрекол пресудата или преку затворот ако лицето е на издржување на затворска казна.
Притоа, членовите 8 и 9 предвидуваат дека во постапката за помилување, Судот и другите надлежни може да собираат податоци и известувања потребни за решавање на молбата и од други органи и институции. Судот, пред да ја достави молбата за помилување до Министерството за правда ги проверува фактите и околностите важни за решавање. Министерот по приемот веднаш ги разгледува и другите списи и предлогот го испраќа до претседателот. Со законските измени во 2009 година се додава член според кој се формира и Комисија.
Според законското решение што не беше донесено, пак, молбата се поднесува до Министерството за правда, а доколку е поднесена до друг орган или казнено-поправна установа, тогаш органот или казнено-поправната установа без одлагање ја доставува до Министерството. Осуденото лице што се наоѓа на издржување казна затвор, молбата ја поднесува до Министерството преку казнено-поправната установа.
За постапување по молбата, Министерството од казнено-поправната установа, од судот што ја изрекол пресудата, од судијата што го спроведува извршувањето, од пробацискиот службеник и од други субјекти бара податоци што се релевантни за составување извештај за молбата. Овие органи задолжително, без одлагање, ги доставуваат податоците, кои се од значење за разгледување на молбата. Министерството, во рок од 30 дена по добивање на податоците, ќе изработи извештај…
ПОДАТОЦИ И СТРУЧНА ПРОЦЕНКА
Дополнително, недонесениот закон предвидува дека за молбата се составува извештај, кој содржи лични податоци за осуденото лице, законски назив на кривичното дело, податоци за пресудата, за обвинението, за правосилно изречена санкција со наведување на околностите што судот ги зел предвид при изборот на видот и висината на санкцијата… Плус, извештајот треба да содржи и податоци за намалување или замена на санкцијата, амнестија или помилување, надоместокот на штетата предизвикана со кривичното дело…
Но, треба да се потенцира дека овој извештај треба да содржи и податоци за претходна осудуваност (за кои кривични дела, на која санкција), податоци за други кривични постапки што се во тек, па дури и стручна оценка за личните својства на осуденото лице, стручна проценка за склоноста за повторување на кривичното дело и оценка за тоа во која мерка извршениот дел на казната влијаел врз осуденото лице. Можеби, тоа се клучните елементи што би го намалиле ризикот да се повтори барем несакано или ненамерно помилување на контроверзни лица.
А, што се случи сега? Беа помилувани криминалци со оправдување дека делата што биле разгледувани не биле страшни, иако крајно неумесно е да се релативизира поседувањето пиштол со „само“ неколку куршуми, како и превезување група што учествувала во насилство. Доколку бил донесен новиот закон, надлежните инстанци ќе зеле предвид и други постапки што се воделе за лицата, па дури ќе може да се врши и стручна оценка колкави се шансите да повторување на делото.
Исто така, поразително изгледа кога првиот човек на државата и членови на комисијата за помилување велат дека немале поим и не знаеле дека некое лице е дел од криминален клан. Долг период наназад, за Равмановски се пишува дека е дел од групата „Барон“, именувана според истоименото кафуле во негова сопственост, кое неодамна беше запалено. Воедно, беа објавувани и фотографии од него и Тоте од „Беланоца“, чиј братучед, пак, бил другиот „интересен“ помилуван лик – Маслани.
За првпат, групата „Батон“ беше јавно спомената во неделникот „Фокус“ на почетокот на ланската 2023 година, кога ја обработувавме темата за скопското подземје. Оваа група се „брендирала“ според споменатото кафуле во Чаир, а во неа членуваат и повратници од боиштата во Сирија, кои се борат да земат дел од криминалниот пазар. Во изминатиот период, групата стана сѐ поактуелна, особено по убиствата Јетон Кривањева-Жила, Енес Исеинов-Љаци и Орхан Ибраими-Оки од групата „Дуќанџик“, здружена со кланот од Грчец на Шеваљ Муареми.
На неодамнешниот брифинг со новинарите, ја прашавме Сиљановска за 2 аспекти во контекст на помилувањето. Прво, кога вели дека постоечкиот закон е дефектен, како, според неа, треба да изгледа новиот закон во делот на процедурата и слично, со цел да не се повторат спорни помилувања, а доколку се повторат, да има јасна одговорност наместо сите да си ја префрлаат топката еден кон друг?
Таа повтори дека Комисијата за помилување носи одлуки врз основа на документација за утврдени лица од страна на затворските управи, при што главниот збор го имаат надлежните судови, кои практично ги дефинираат досиејата за осудениците, а извршната не смее да се меша во судската власт. Врз основа на тие досиеја, Комисијата дава предлог до претседателката на државата, која ја носи одлуката, така што, нагласува претседателката, никој нема законска основа да се става во улога на истражител и да бара дополнителни податоци од МВР, АНБ или од други институции.
Паралелно со тоа, се обративме и до МВР со прашање дали, т.е. по кој основ Равмановски и Маслани фигурираат во евиденцијата на МВР? Односно, колку пати досега тие биле лишени од слобода и зошто, како и колку кривични пријави се поднесени против нив и поради кои причини? И, дали МВР ги третирала и истражувала посочените лица како дел од организирани криминални групи и кланови, и ако е така – за кои групи станува збор?
Од таму добивме кус одговор дека согласно Законот за кривична постапка, сите дејствија преземени од полицијата во предистражна постапка се сметаат за тајна, имајќи предвид дека не располагаат со податоци за правосилност на кривични пријави. Со други зборови, од таму не велат дека не постапувале кон наведените лица, туку едноставно не даваат информации, повикувајќи се на законска одредба за тајност. Нема одговор на делот дали тие се третираат како дел од организирани криминални групи.
Како второ, ја прашавме Сиљановска и за една друга димензија – колку помилувањето на осуденици од ваков калибар е компатибилно со нејзините предизборни заложби за правна држава и владеење на правото? Во однос на тоа, таа одговори дека одлуките за помилување на осуденици и таканаречената „милост“ не се судира со нејзините заложби за правна држава и владеење на правото. Таа уверува дека никогаш нема да отстапи од овие заложби.
Како и да се врти работата, факт е дека помилуваните не добиваат намалена казна или целосна слобода од затворските управи, Министерството за правда или Комисијата за помилување, туку со потписот на претседателката. Оттука, бегањето од одговорност и префрлувањето на топката на друга адреса претставува политички резон, што укажува дека професорката веќе забрзано еволуира во политичарка. Наскоро ќе видиме како овој процес на трансформација ќе се развива, бидејќи доаѓа нова тура помилувања според постоечкиот „дефектен“ закон, без премногу да се инсистира на нов час поскоро.
„Криминалците“ на ред пред „терористите“
СЀ УШТЕ НИШТО ОД ПОМИЛУВАЊЕТО НА ОСУДЕНИТЕ ЗА „КРВАВИОТ ЧЕТВРТОК“
Во името на правдата, етиката и моралот, претседателот на државата потребно е понекогаш да се одважи и да посегне по кочницата наречена помилување, тоа ќе го направам и честопати го споменувам, особено кога ги имам на ум обвинетите од „27 април“.
Ова, на вториот ден од изборната кампања за првиот круг од претседателските избори, од митинг во Струга го изјави Гордана Сиљановска-Давкова, најавувајќи дека доколку дојде на позицијата претседател на државата, ќе ги помилува осудените од „27 април“.
– Вам, граѓаните, кога некогаш неоправдано ќе се најдете во судот, пред лицето на правдата, односно на неправдата, многу ви е важно дали има шанса од една кочница наречена помилување. Да, помилувањето не е случајно, има долга историска традиција.
Го користеле кралеви, кралици, претседатели, ама кај нас мислам дека не се користело кога треба или се злоупотребувало кога не треба. Потребно е во името на правдата, на етиката, на моралот, претседателот понекогаш да се одважи и да посегне по една кочница во однос на судот. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам, особено кога ги имам на ум обвинетите од 27 април.
Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Замислете да бидете обвинети за организирање терористичка закана или за рушење на уставниот поредок на Македонија – рече Сиљановска.
Истата порака, таа ја испрати и во интервјуто на „Вин Вин“, каде што изјави дека доколку стане претседателка, ќе ги помилува лицата осудени за упадот во Собранието на 27 април 2017. Таа смета дека делото што им било ставено на товар за време на судењето („терористичко загрозување“) не одговарало на степенот на насилството.
– Тоа се случи за оние што не сакаа амнестија, сакаат да ја докажат правдата. Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сѐ уште се во затвор – да, ќе ги помилувам. Така ќе дојде до помирување – рече кандидатката за претседател.
Но, очигледно сѐ уште не дошло тоа време, бидејќи осудените за „крвавиот четврток“ сѐ уште не се помилувани. Сепак, дел од нив (привремено) излегоа на слобода, врз основа на медицинска документација.