Рускиот претседател Владимир Путин е решен што побрзо да ја заврши операцијата за ослободување на регионот Курск, а неговото појавување во регионот во воена униформа може да се гледа во овој контекст, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, коментирајќи го вчерашното појавување на рускиот претседател во штабот на руската армија во Курск.
„Ова е повеќе сигнал за решителност да се заврши операцијата за ослободување на регионот Курск од милитантите во многу блиска иднина. Операцијата, како што вчера објави Путин, влезе во завршна фаза. Се надеваме дека во многу блиска иднина ќе можеме да здивнеме во тој поглед“, рече Песков.
Руското раководство планира да има контакти со Американците во текот на денешниот ден, потврди Песков, но засега не открива детали.
Тој не прецизираше дали Путин лично ќе го прими специјалниот пратеник на американскиот лидер Стивен Виткоф.
„Навистина, се планираат одредени контакти. Имаше и телефонски контакт претходниот ден: Со Валц разговараше помошникот на претседателот Јуриј Ушаков. Контакти ќе има и денеска. Нема да претеруваме. Ќе информираме за нив навреме”, рече Песков во интервју за рускиот Канал 1.
Портпаролот не одговори на прашањето дали Путин лично ќе се сретне со Виткоф.
„Ќе ве информираме во догледно време“, повтори портпаролот на Кремљ.
Песков беше прашан и за составот на американските преговарачи кои пристигнаа во Русија.
„Не знам некој друг да лета (освен Виткоф)“, рече тој.