Портпаролката на Арсовска вели новинарот лаже дека го нападнала, ЗНМ потсети дека напад врз новинар е кривично дело

by fokus

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира во однос на вчерашниот инцидент кој се случил по седницата од која новинарот Мартин Арсов од ТВ Сител известувал и бара од администрацијата на Градот да го расчисти до крај случајот, за да нема шпекулации во јавноста но и ризик од слични инциденти во иднина.

Според изјавата на Арсов, тој откако завршил со вклучувањето во живо во вестите на ТВ Сител, бил навредуван и физички нападнат од страна на лицето задолжено за односи со јавност во Град Скопје, Кристина Депо, за што тој објави: „Откако завршив со вклучувањето, ми рече дека е незадоволна оти сум кажал само дел од соопштението што го напишала, а не целото. Кога се доближив до неа, замавна и ми го удри телефонот“.

Денеска до ЗНМ пристигнало демант од Град Скопје во кој има изјава од портпаролката Депо, каде што се отфрлаат тврдењата на колегата Арсов во врска со инцидентот:

„Во конкретниот случај за настанот кој се случи на 31.08.2023 година околу 16:22 часот во Советот на Град Скопје новинарот Мартин Арсов буквално изнесе лаги во средствата за јавно информирање клеветејќи ме мене, Кристина Депо дека бил физички нападнат. Јас и Градот категорично ги отфрламе изнесените лаги од страна на новинарот Мартин Арсов“ – вели портпаролката во нејзината изјава.

-Укажуваме дека службениците кои се одговорни за односи со јавноста на градската администрација треба да одржуваат коректен пристап во комуникација кон новинарите со цел градење на меѓусебна доверба и почит а во интерес на информирањето на граѓаните. Тие како и сите останати службеници од централната и локалната власт не смеат да се ставаат во улога на рецензенти во искажаните зборови на новинарите зошто на тој начин се прави притисок во известувањето и се оневозможува професионалното работење. Доколку било кој службеник има забелешки за работата на новинарите на располагање ги имаат само регулативните механизми каде може да достават претставка до Советот на честа при ЗНМ или Советот за етика на медиумите во Македонија, велат од ЗНМ.

Тие додаваат и дека укажуваат и на новинарите дека доколку сериозно им се попречува работата или пак се предмет на физички напад, случајот веднаш да го пријават во ЗНМ и во Министерството за внатрешни работи со цел да следат соодветни постапки за утврдување на одговорност.

-Потсетуваме дека загрозување на сигурноста на медиумските работници во професионално вршење на новинарска дејност со последните измени од законот претставуваат кривично дело, велат од ЗНМ.

Поврзани новости