Две недели по разорните поплави во источна Шпанија, метеоролошките служби ги предупредија граѓаните да бидат внимателни, бидејќи повторно се очекуваат нови катастрофи со доаѓање обилни врнежи и ниски температури.
Источниот и јужниот дел на Медитеранот повторно се најзагрозени, а шпанската метеоролошка агенција Аемет од денеска до четврток издаде портокалово предупредување за делови од регионите Валенсија, Каталонија и Андалузија, како и за Балеарските острови, јави Би-Би-Си.
Аемет предупредува на дождови и бури кои би можеле да бидат многу силни.
Кралот Филип од Шпанија денеска ја посети воената база во провинцијата Валенсија за да дознае како армијата им помага на поплавените подрачја каде што поплавите однесоа најмалку 222 жители.
Кралот пристигна од Мадрид во воената база во Бетера, место на 20 километри од градот Валенсија, соопшти кралската палата. Таа на социјалната мрежа Х објави фотографии од кралот во маскирна воена униформа за време на средба со воени претставници.
Во провинцијата Валенсија се распоредени 8.474 војници за да помогнат во чистењето на калливите улици и потрагата по исчезнати лица. Тој до крајот на денот ќе го посети и воениот брод кој пред неколку дена заплови во пристаништето во Валенсија. Нема да влезат во опустошени места или да се сретнат со жителите.