Поротничката Лилјана Ивановска Кочковска, која е дел од судечкиот совет за случајот „ТНТ“ си поднела оставка, но од Кривичниот суд ја предомислиле. Поротничката посочила дека оставката ја поднесува поради притисоци и закани, односно поради препукувањата за тоа дали нејзиниот мандат е истечен или не.
„Новиот допис на адвокатот Јовица Страшевски кој денска беше доставен до медиумите само ги потврдува заканите и притисоците кои адвокатот – странка во постапката, се обидува да ги направи врз судот и судијата – поротник, кој одлучува во конкретната постапка, а за кои судот подолго време апелира и вчера побара соодветна реакција од надлежните органи.
Неспорен е фактот дека судијата – поротник вчера побара прием кај претседателот на судот на кој му се пожали дека прима закани да се откаже од постапување во конкретниот предмет за што е доставена и изјава. Откако е посочено дека судот ги користи сите легални механизми да го заштити интегритетот и угледот на секој судија и судија – портоник и доколку е неоходно институциите може на секој судија и судија – поротник да му овозможат и обезбедување, поротникот се согласи да продолжи да постапува се до евентуално разрешување од Судскиот совет.
Но, зачудува фактот како адвокатот кој официјално е на одмор и не може да се појавува на закажани судења, денеска повторно продолжува со прозивки и притисоци? Како и од каде адвокатот би знаел какви дописи се доставуаат до судот, од други лица, кога истите се доставуаат само до приемното одделение? Како се дозволува некој и понатаму да влијае на судиите и судиите – поротниции надвор од судница.
Заради сите овие прашања судот повторно апелира до Министерството за правда, Адвокатската комора, Судскиот совет на РСМ и Јавниот обвинител да преземе соодветни мерки и да го заштити судот, бидејќи доколку овие „методи“ вродат со плод, истите може да бидат применети и во сите други судски постапки, се вели во соопштението на судот.
И понатаму продолжуваат препукувањата околку случајот „ТНТ“ на судот и одбраната. Судот се обидува да го финишира случајот со стариот судечки совет, а одбраната спори дека мандатот на поротничката и е истечен, па судењето мора да почне од почеток.
Наредното рочиште за „ТНТ“ е закажано за 13 јануари, но во судот денеска добиле известување од адвокатот Јовица Страшевски, кој го застапува екс градоначалникот Тони Трајковски, дека од 8 до 17 јануари е на годишен одмор.
-Заради интерес на медиумите за предметот во јавноста познат како „ТНТ“ и постојаните опструкции на поединци – странки во постапката, во целост го објавуваме последниот допис кој вчера кон крајот на работното време беше доставен до судот. За последните случувања и обиди за одолговлекување на главната расправа насрочена за 13 – ти јануари 2020 година, судот ќе ја извести Адвокатската комора и Судскиот совет на РСМ, се вели во соопштението на Кривичниот суд.
В.В.