Поречани против изградба на уште една хидроцентрала во месноста „Калуѓерица“

by Фокус

Жителите на поречките села на потегот помеѓу Самоков и Македонски Брод се против изградбата на четвртата последователна акумулација на реката Треска во месноста Калуѓерица идеја која датира уште од 1974, а е потврдена со последниот просторен план од 2004 година.

Според нивните ставови кои ни ги пренесе градоначалникот на Македонски Брод, Жарко Ристески, оваа хидроцентрала поточно нејзината акумулација (долга преку 20 км) ќе ја уништи целата скромна инфраструктура, она малку обработливо земјиште и сите предуслови за рурален туризам како единствена перспективна гранка во овие изолирани краишта.

-Во јавноста е малку познато дека со изградбата на предвидената вештачката акумулација „Калуѓерица“ на реката Треска, ќе се предизвика огромна и нанадоместива штета на Општината Македонски Брод и граѓаните кои живеат или кои потекнуваат од некое од поречките села.

Максималното ниво на акумулацијата „Калуѓерица“ се предвидува на 530 метри надморска висина со локација на браната помеѓу мостот на р.Треска кон Самоков и вливот на Беличка река во р.Треска. Со изградба на овој објект би се создале несогледиви штетни последици за развојот на овој ионака сиромашен крај, кој има огромен потенцијал за развој – вели Ристески.

Според достапната проектна документација на потегот кон Самоков водното ниво би достигнало непосредно до поранешната фабрика „Сувенир“ која со потопувањето на регионалниот пат Р 2132 ќе остане одсечено заедно со селата Калуѓерец, Инче, Зркле, Лупште, Самоков, Ковач, Звечан, Рамне, Бенче, Битово, Косово, Брест, Ботушје, Заград, Требовље и Волче.

Од другата страна, населените места кои се на потегот под планираната брана, селата Белица, Тажево, Брезница, Близанско и Здуње како и туристичките викенд населби би имале патна комуникација единствено преку „Јасен“ кон Скопје, додека врската со седиштето на општината би се прекинала засекогаш.

Сепак, најголема штета ќе претрпат населените места Модриште, Лаг, Долни Манастирец, Драгов дол, Девич кои би требало да бидат целосно иселени и потопени.

Вкупната штета се проценува на над илјада хектари обработливо земјиште плус потопување на бројни споменици на природата и уникатни локации кои ги има во овој крај.

Според градоначалникот Ристески, решението е во промена на просторниот план кој ваков каков што покрај тоа што долгорочно ја загрозува општината, краткорочно ги кочи и стопира сите перспективни бизнис проекти од областа на туризмот и градежништвото генерално.

-Бидејќи сме во период кога овие плански документи се ревидираат, во локалната самоуправа сметаме дека за понатамошниот развојот на општината, неопходно е да се преиспита и да се отстрани овој проект од идните планирања на просторот.

Сметаме дека ова наше барање е навремено и оправдано и се надеваме дека надлежните институции ќе имаат разбирање и ќе го прифатат овој наш апел за спас на Општината Македонски Брод – вели Ристески.

Во наредниот период општината планира да испрати информација за оваа состојба до повеќе релевантни фактори со цел истите да се запознаат со нивниот проблем, а исто така најавуваат и кампања преку која ќе ја информираат и пошироката јавност.

Дејан Азески

Поврзани новости