Повеќе пати апелирам преку медиуми за помош, поразително е ова кое ни се случува. Моето семејство е препуштено само на себе, јас останав без работа, сопругот болен и не може да работи, на децата на возраст од три и пет години не сме во состојба да им пружиме достоинствен живот – за ,,Фокус” вели 34-годишната Благица Китанова од Неготино.
Таа со семејството живее во разурната куќа без основни услови за живот во Пепелиште, и за прв пат јавно побара помош пред неколку месеци.
Како што вели, потребно и е вработување, но и помош во градежни материјали, бидејќи домот во кој живеат е пред распаѓање.
-По првичните објави на апелот за помош, добивме околу 6.000 денари од хумани луѓе, пакет храна од Црвен Крст Неготино, пакет средства за хигиена, и еднаш добивме помош од Општина Кавадарци.
Тоа не е трајно решение, бидејќи не можеме постојано да зависиме од туѓата милост. Потребно ми е сигурно вработување, но и помош во било какви употребливи градежни материјали, за да овозможиме барем една соба со достоинствени услови за живот, едно мало купатило… Не знам каде повеќе да се обратам, поразително е како родител да бидам доведена во ваква состојба, да молам за да ги прехранам децата – раскажува Китанова.
Потсетува дека работела во фабрика, но на почетокот на пандемијата останала без работа. Добивала минимална помош од државата која не била доволна за живот.
-Пред избори, од сите политички партии ни доаѓаа во двор, слушавме ветувања, грижа за ранливите категории на граѓани, но по изборите, никој ниту дошол, ниту прашал како живееме.
Сопругот ми е со еден бубрег, но не му следувала инвалидска пензија бидејќи нема стаж, јас повремено работам како аргатка кога ќе ме повикаат. Во многу лоша состојба сме, доведени до работ. Ако ме прашате што ни треба, буквално се ни треба, од храна до облека… Повторно замолувам за помош, но и ги повикувам институциите да дојдат кај нас, да видат на самото место како се бориме за живот – вели Благица.
Сите кои се во можност да му помогнат на семејството Китанови можат да ја контактираат Благица на телефонскиот број 075 283 614, или пак да донираат на сметката на нејзиниот сопруг Тони Китанов, во NLB – 210 501727827002, со назнака донација.
Вики Клинчарова