Поранешните вработени во кичевското здружение на возачи бараат нова истрага за Милошоски

by Фокус

Веќе 11 години се обидуваме да докажеме дека Милош Милошоски, татко на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, на мафијашки начин го презеде техничкиот преглед за автомобили во Кичево и не избрка сите вработени, но се уште не успеваме да го добиеме назад она што ни беше одземено незаконски, изјави денеска на прес-конференција Спасе Србиноски, поранешен вработен во Здружението на Возачи Кичево.

-„Моќник“, како што се нарекува во судските процеси, Милошоски со неговиот татко, користејќи ја политичката моќ успеа со низа притисоци да го преземе Здружението. Се виде и од аудио-снимките дека Антонио ја користел својата позиција да нанесува штета на луѓе за сопствена корист. Влијаел на судии, на сведоци за да го добие тоа што го сака. Во време на владеење на ВМРО ДПМНЕ во 2011, Милошоски беше гаси и пали во Кичево – рече Србиновски.

Според него, Милошоски во 2010 година го започнува походот во Здружението, отворајќи нова компанија за технички преглед „БРЕКОН“, каде татко му е еден од двајцата управители.

-Откако беше изменет законот за технички преглед, здруженијата за возачи имаа за опција да отворат фирма како дел од здружението или посебно. Во Кичево не се чекаше туку фирмата „БРЕКОН“ го презема Здружението на возачи што во принцип е невозможно на легален начин. И не само тоа, Милош Милошоски не можеше да биде управител на здружението со завршено средно образование за машинобравар, за таа позиција потребно е да има правен или економски факултет и лиценца од МВР. И нормално и тоа не се испочитува. Еден по еден не избрка сите од работа по преземањето на Здружението – рече Србиновски.

Тој додаде дека од нив барале да дадат отказ и да бидат вработени во „БРЕКОН“, меѓутоа одбиле. Тие поднеле кривична пријава до Здружението и „БРЕКОН“, но немало никаков епилог.

-Да биде целава приказна пострашна, братот на Антонио – Александар станува управител на Сојузот на возачи на Македонија. На вонредна седница на нелегитимни претставници беше избран за управител, а тогаш сите здруженија се побунија. И пак залудно. Колку имале врски во судовите покажува податокот дека ако со завршна сметка на здружението е утврден кусок во 2008 година, како може судот да каже таков нешто не постои. Судот да негира официјален документ од државата? Во здружението оставивме сметка полна со половина милион евра, а беше задолжено со 300.000 евра. Прашуваме каде отидоа сите пари? – праша Србиновски.

Тој додаде дека се обратиле до обвинителката Вилма Русковска и побара надлежните институции да го испитаат целиот случај и да покренат нова истрага за Кичевското Здружение.

Поврзани новости