По објавување на аудио-снимките од кои произлелегува дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошовски се распрашувал кај експретседателот на Врховниот суд за судска пресуда поврзана со неговиот татко Милош Милошоски, реагираат поранешни вработени во кичевското здружение на возачи, кои, како што обвинуваат, биле исфрлени од здружението веднаш откако било преземено од семејството Милошоски, со цел, според нив, да го приватизираат и да дојдат до значителни финансиски средства.
Еден од нив е Зоре Којчески, кој за Фокус изјави дека дека Милош Милошоски го презел здружението на мафијашки начин и потоа незаконски избркал голем број на вработени, меѓутоа, како што истакнува, ниту една судска постапка не завршила во нивна полза поради влијанието на неговиот син Антонио Милошоски. Според него, вчерашните “бомби“ на кои се слуша дека Милошоски се договара за пресуда со Вангеловски е доволна основа надлежните институции да оформат кривичен предмет за Милошоски и неговиот татко Милош.
-Се надеваме дека обвинителството ќе покрене постапка за Здружение на возачи-Кичево и за избрканите вработени и после 10 години и правдата ќе излезе на виделина. Да се сослуша судијата Драган Атанасовски од Кичево, бидејќи, по барање на Здружението на возачи (стар Управен одбор), не одобри времена мерка да се стопира насилното влетување во здружението на таткото на Милошоски. Според нас, одлуката на судијата е донесена под притисок Антонио Милопоски – Моќникот – вели Којчески, кој воедно бара да се сослушаат и членовите на Управниот одбор на здружението што го составил Милош Милошоски на вонредно собрание.
Слична судбина имал и Спасе Србиноски, кој потсетува дека семејството Милошоски во 2007 година, една година откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, направило преврат во кичевското здружение на возачи на, како што вели, мафијашки начин. Според него, таткото на пратеникот Милошоски бил избран за секретар на здружението спротивно на законот, по што ги брка вработените во организацијата.
-Според Законот за безбедност во сообраќајот (Член 33), овластено лице може да биде лице кое има завршено високо образование – правен или економски факултет и да има лиценца од МВР (овластување). Но, таткото на Милошоски има завршено средно школо за машинобравар. Кога доаѓа како секретар во ЗВ Кичево, ги брка старовработените еден по еден. Не избрка со фалсификат изјави потпишани од неговиот правен застапник, а во Централен регистар ги среди сите работи благодарејќи на неговиот внук – изјавува Србиноски.
Тој посочува дека во тоа време во парламентот тогашната пратеничка на СДСМ Весна Бендеска упатила пратеничко прашање до тогашниот министер за правда Михајло Маневски во врска со оваа тема, меѓутоа Маневски одговорил дека целата постапка е согласно законот.
-На сметката на здружението имаше скоро пола милион евра, но никој досега не извршил финансиско-материјално вештачење каде отидоа тие пари. Згора на тоа, здружението беше задолжено со кредит од 300.000 евра. Следуваа многу кривични пријави, многу тужби, но ниедна не заврши во наша корист – вели Србиноски, додавајќи дека и Специјалното јавно обвинителство поседувало документација за овој случај, но никогаш не се оформи предмет.
Покрај Којчески и Србиности, во оваа група се уште Ленче Страшеноска, Раде Крстески и други, кои бараат да се испита целокупниот, како што велат, криминал во кичевското здружение на возачи, во кој, според нив, се вклучени и корумпирани судии во основниот кичевски суд и апелацискиот суд во Гостивар. Причина повеќе за тоа, порачуваат тие, се вчерашните разговори според кои Милошоски влијаел кај судии за овој случај.