Поранешните водечки ривали на Доналд Трамп во трката за републиканската претседателска номинација, гувернерот на Флорида Рон Десантис и поранешната амбасадорка на Обединетите нации Ники Хејли, во вторникот ја поддржаа кандидатурата на поранешниот претседател за уште еден мандат во Белата куќа.
Во говорот на конвенцијата на Републиканската партија во Милвоки, Хејли рече дека Трамп ја поканил да зборува во име на единството. Таа оцени дека тоа е „љубезна покана“ и дека „со задоволство ја прифатила“.
„Доналд Трамп ја има мојата силна поддршка, точка“, рече Хејли.
Таа призна дека не сите Американци цело време се согласуваат со Трамп.
„Мојата порака до нив е едноставна. Не мора 100 отсто да се согласувате со Трамп за да гласате за него. Земете го мојот пример, јас не секогаш се согласував со претседателот Трамп, но почесто се согласуваме отколку што не се согласуваме“, рече Хејли.
Гувернерот на Флорида ја пофали границата и економската политика на Трамп.
„Нашата земја беше почитувана кога Доналд Трамп беше врховен командант“, рече Десантис.
Тој, исто така, го обвини актуелниот претседател Џо Бајден дека „нема капацитет“ да го изврши претседателството.
Трамп и во вторникот беше пречекан со овации од присутните делегати. Вториот ден од конвенцијата беше фокусиран на прашањето за безбедноста, а тонот беше поостар од првата вечер, пренесува Ројтерс.
Говорниците жестоко ја критикуваа граничната политика на Бајден, тврдејќи дека таа ја загрозува безбедноста на земјата.
Сенаторот од Тексас Тед Круз го нарече приливот на мигранти „инвазија“.
Круз во говорот ја повтори антиимиграциската реторика на Трамп, обвинувајќи ги демократите за, како што рече, бранот насилнички криминал за кој се обвинуваат мигрантите.
Републиканскиот кандидат ќе го одржи првиот митинг по пукањето во Мичиген.