По десетгодишна коалиција, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, денеска за прв пат жестоко се судрија во Собранието, префрлајќи си ја топката и говорејќи за се, освен за суштинските проблеми и цели за кои што се дојдени.
Кавгата настана, откако ВМРО-ДПМНЕ ги обвини ДУИ дека се „неспособни” и дека сите нивни неуспеси ги криеле зад нивниот грб.
-Својата неспособност ја вадевте зад ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не е чесно кон вашите гласачи- рече Антонио Милишоски.
На ова пак, пратеникот од ДУИ, Џеват Адеми ги обвини пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека не можат да се помират што веќе се опозиција и дека само плачат за власт.
-Коалиција значи да ги здружиш силите кога не можеш сам. ДУИ направи да се дојде до „Мајскиот договор“, за кој викате дека го немаше. Да, го имаше. Ама ДУИ не плачеше. Ова што го гледам овие четири дена богами се повеќе и повеќе ми личи на плачење по власт- реплицираше Адеми.
Ова дополнително ја вжешти атмосферата во собраниската сала, па претседавачот Трајко Вељаноски даде получасовна пауза.