Американскиот Сенат денеска го потврди назначувањето на Џејмс О’Брајан за помошник државен секретар за Европа и Евроазија.
За негово назначување гласале 67 сенатори, а против биле 31, објавено е на профилот на американскиот Сенат на социјалната мрежа Х.
О’Брајан ќе го замени Јуриј Ким, поранешниот американски амбасадор во Албанија, на местото помошник државен секретар за Европа и Евроазија.
Помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот ја предводи Канцеларијата за Европа и Евроазија и е одговорен за спроведување на надворешната политика на САД во тие региони.
О’Брајан, кој пред неколку месеци беше предложен за таа функција од американскиот претседател Џозеф Бајден, ќе биде претпоставен на американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Тој беше висок советник на поранешната државна секретарка Медлин Олбрајт, како прв заменик-директор за планирање политика и претседателски пратеник за Балканот.
О’Брајан беше член на американската делегација за време на преговорите меѓу Косово и Србија во Рамбује во 1999 година, а беше вклучен и во изнаоѓање решение за ставање крај на војната во Босна и Херцеговина и помогна во формулирањето на Дејтонскиот договор во 1995 година.