Американски федерален судија му нареди на Стив Банон, поранешен влијателен советник на Доналд Трамп, да започне со издржување на четиримесечната затворска казна најдоцна до 1 јули.
Казната беше изречена во октомври 2022 година за попречување на истрагата на Конгресот кога Банон одби да соработува со конгресната истрага за нападот на зградата на Капитол на 6 јануари 2021 година. Казната повторно беше потврдена во жалбена постапка на 10 мај годинава.
Издржувањето на казната беше прекинато поради жалба на одбраната, но судијата Карл Николс на барање на обвинителството ја укина суспензијата и нареди осудениот Банон (70) да се појави во затвор најдоцна до 1 јули.
Друг поранешен советник на Трамп во Белата куќа, Питер Наваро, кој исто така беше осуден на четири месеци затвор за истите дела, почна да ја отслужува својата казна во март 2024 година.
На 6 јануари 2021 година, Стив Банон телефонски разговараше со Трамп. Тој ден, стотици поддржувачи на републиканскиот претседател во заминување упаднаа во Капитол, седиштето на американскиот Конгрес, за да се обидат да ја спречат официјалната победа на демократскиот ривал на Трамп, Џо Бајден на претседателските избори во ноември 2020 година.
Во последните месеци од победничката претседателска кампања на Трамп во 2016 година, Стив Банон почна да остава свој белег, осудувајќи го светскиот поредок контролиран од политичките и финансиските елити. Тој отиде со него во Белата куќа во 2017 година, но мораше да замине во август 2017 година.