Сега веќе поранешниот хрватски министер за здравство, Вили Берош, ноќта ја мина зад решетки, па се очекува по вчерашното распит во просториите на УСКОК (Канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал) денеска да се одржи судско рочиште.
Берош синоќа бил донесен во УСКОК на распит, пишува порталот Индекс.
Лаура Валковиќ, адвокатката на уапсениот и разрешен хрватски министер за здравство Вили Берош, пред УСКОК изјавила дека нејзиниот клиент е сослушан и продолжува да негира каква било кривична одговорност, пренесува „Јутарњи лист“.
– Не можам да ви кажам ништо освен дека тој целосно го негираше извршувањето на кривично дело – кратко им рече таа на насобраните новинари.
Службеници на хрватската полициска Национална канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал (ПНУСКОК) со налог за претрес вчераутрото дошле на адресата на министерот за здравство, Вили Берош.
Како што пишуваат хрватските медиуми, освен министерот, цел на истражителите се и неколку високо позиционирани лекари, меѓу кои и директори на некои болници.
Обвинителството на ЕУ соопшти дека против Берош и уште седум други лица покренало акција за злосторничко здружување. Наведоа и дека Берош примил поткуп.
Вили Берош е вториот министер на ХДЗ разрешен по апсењето додека ја извршуваше функцијата министер.