Поранешните членови на Историската комисија објавија писмено соопштение преку кое се пожалија на злоупотреба на нивната работа за партиски цели. Ги обвинуваат премиерот и министрите во Владата дека им ставиле политичка етикета и со тоа ја поткопале нивната работа, со што одоговорија на прозивките од владата дека нивната работа не била во насока на одбрана на националните интереси.
Тие преку писмено соопштение бараат во составот на Комисијата да се вклучат и странски експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ.
„Минатите неколку недели бевме сведоци на неаргументирани, обвинувачки и навредливи изјави на премиерот за работата на поранешните членови на Комисијата со кои тој ги дели граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси согласно со неговите лични погледи. Уште пострашно е што премиерот свесно испраќа авторитарна и заканувачка порака дека оној што нема да ги исполнува неговите очекувања и политички погледи ќе биде етикетиран дека не ги штити националните интереси“ се вели во нивното соопштение.
Премиерот Мицкоски им одговори: „Нека се вклучат и експерти во Комисијата, ама поранешните членови ќе треба да одговорат за што потрошиле огромни буџетски пари во средбите со бугарската страна“. Според Мицкоски, тие се согласиле на капитулација на историјата како што се согласија Ковачевски и Османи.
Вчера на владина седница, зад затворени врати беше сменет составот на Комисјата за историски и образовни прашања, со што на чело на македонскиот тим застанува историчарот Ванчо Ѓорѓиев, која веќе еднаш ја напушти комисијата поради политички притисоци.