Со сослушување на обвинетиот Ивица Анчевски, денеска продолжи судењето за случајот „Тортура“. На прашање на судот на кој работна позиција работел во 2011 година, обвинетиот рече дека со решение бил дел од Единицата за брзо распоредување – ЕБР, додека со писмена наредба од тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност – БЈБ, Лупчо Тодоровски, бил именуван како командат на единицата „Алфи“.
– Единицата „Алфи“ хиерархиски е поставена во БЈБ, односно СВР Скопје, од кои причини истата не може да биде командувана од друга страна, рече обвинетиот Анчевски.
Тој воедно истакна дека наредби воглавно добива од началникот на СВР Скопје, или од Секторот за организиран криминал, односно овие наредби потоа ги давал на раководителите на смени од единицата „Алфи”.
Прв пат за акцијата за приведување на Љубе Бошковски, тој наведе дека разбрал на 6 јули 2011 година, односно наредбата ја добил од началникот на СВР Скопје.
Обвинетиот Петар Милошевски, посочи дека на 6 јуни 2011 година добил наредба од негов претпоставен да во најбрз можен рок се појави позади Министерството за економија. Во тој период бил на работна задача тим лидер, односно одговорен за 3-4 полициски службеници.
– Раководителот ни објаснуваше дека ќе се одвива акција каде ќе биде уапсено лице кое има обезбедување и дека најверојатно се работи за дилер на дрога, изјави обвинетиот Милошевски.