Поранешната портпаролка на Зеленски се соочува со обвинувања за предавство

by irena 09:11
09:11

Украинските власти ја обвинија првата портпаролка на Володимир Зеленски, Јулија Мендел, за предавство откако таа изрази критики за претседателот.

Службата за безбедност на Украина (СБУ), која му поднесува извештаи на Зеленски, тврди дека Мендел спроведува „информативни и диверзантски активности против Украина“.

По анализата на нејзините јавни настапи и изјави, Обвинителството и СБУ заклучија дека Мендел ѝ штети на репутацијата на земјата на меѓународната сцена и го оправдува „режимот на Кремљ“ и војната на Русија против Украина.

Обвинителството, меѓу другото, го наведе интервјуто што Мендел го даде за конзервативниот американски коментатор Такер Карлсон како основа за сомнеж. Изјавите како „Верувам дека Украина е на работ на исчезнување“ и „Гледајте, мојата нација е во пад“ беа искористени од руската пропаганда.

Понатаму, таа ги спореди ограничувањата во денешна Украина со оние во Советскиот Сојуз. Обвинителите тврдат дека забелешките на Мендел имале за цел да создадат впечаток на меѓународен план дека Украина не заслужува понатамошна поддршка и дека украинските власти претставуваат пречка за мирот.

Мендел веднаш го отфрли обвинувањето дека дејствува во интерес на Русија.

„Причината за овој сомнеж беа моите јавни изјави во западните медиуми и моите објави на социјалните мрежи – особено оние што се однесуваат на разобличувањето на корупцијата во најтесниот круг на Зеленски, недостигот на слобода на говорот и политичкиот прогон“, напиша таа на социјалните мрежи.

„Обвинувањата се засноваат, меѓу другото, на моето интервју со Такер Карлсон и коментарите што ги дадов на X и Фејсбук“, напиша таа.

Во услови на воена состојба, Мендел, која живее во странство, се соочува со можност за доживотен затвор во нејзината татковина. „Тоа е цената на слободата на говорот и стремежот да се спаси Украина во ерата на Зеленски“, напиша таа на крајот од својата објава.

Уште во септември, Зеленски веќе ѝ воведе санкции – слично како што направи и со неговиот прв шеф на кабинетот, Андриј Богдан. Неа ѝ беа одземени сите државни почести, нејзиниот украински имот беше замрзнат на 10 години, а нејзините профили на социјалните мрежи беа блокирани во Украина.

Мендел со години работеше како новинарка, вклучително и за „Њујорк тајмс“, а вршеше функција на портпаролка на Зеленски од 2019 до 2021 година. Таа редовно го обвинува шефот на државата и неговиот најблизок круг за непотребно продолжување на војната со цел лично богатење. Како дел од нејзините остри критики, таа говореше во странство на настани, вклучително и на еден организиран од германската крајно десничарска партија „Алтернатива за Германија“ (AфД).

Уште пред руската инвазија во февруари 2022 година, Зеленски почна да се пресметува со критичарите и да ја ограничува слободата на печатот. Меѓу другото, тој забрани неколку телевизиски канали опишани како „проруски“, пренесе ДПА.

Слични вести