Ниту сум земал кредит ниту сум влијаел на влезот на Алта банка – реагира сватот на Али Ахмети и најавува тужби за Влен

by irena 19:44
19:44

Случајот со влезот на српската Алта банка на македонскиот банкарски пазар продолжува да предизвикува остри политички реакции и меѓусебни обвинувања. Во центарот на вниманието се најде и бизнисменот Селаудин Арифи, сват на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој категорично ги отфрла тврдењата дека имал какво било влијание врз процесот на преземање на Стопанска банка – Битола.

Компанијата „АС Сењак“ од Кичево, која е во сопственост на Арифи, реагираше на обвинувањата изнесени од владејачката коалиција Влен, најавувајќи дека ќе побара судска заштита поради, како што наведува, неосновани тврдења и нарушување на угледот.

Од компанијата нагласуваат дека немале можност да влијаат врз одлуките на институциите надлежни за одобрување на влезот на српската банка во Македонија. Воедно, негираат дека „АС Сењак“ подигнала кредит од Алта банка во Србија.

„Категорично ги отфрламе наводите дека сме имале какво било влијание врз процесите поврзани со влезот на Алта банка на македонскиот пазар, ниту, пак, сме биле во позиција да влијаеме врз одлуките на надлежните институции. Во судска постапка ќе се утврдат фактите и ќе се докаже дека станува збор за неосновани обвинувања, клевети и намерни манипулации со јавноста“, соопштија од „АС Сењак“, пренесува ТВ Телма.

Реакцијата следува откако владејачката Влен јавно го посочи Селаудин Арифи како една од клучните врски во процесот на влез на српската Алта банка во Македонија.

Според тврдењата на коалицијата, компанијата „АС Сењак“ во октомври 2024 година купила значителен пакет акции во Стопанска банка – Битола.

Од Влен дополнително тврдат дека во јуни 2025 година компанија поврзана со Арифи добила кредит од пет милиони евра од Алта банка во Белград.

Како што наведуваат од коалицијата, неколку месеци подоцна следувала продажбата на акциите во битолската банка, со што, според нивните обвинувања, бил овозможен влезот на српскиот банкарски капитал.

„И само три месеци подоцна, на 17 септември 2025 година, се случува финалниот чин: компанијата ‘АС Сењак’ на сватот на Ахмети официјално му ги продава своите акции во битолската банка токму на Давор Мацура и неговата Алта банка, со што му овозможува директно преземање на банката во Македонија“, изјави Астрит Исени од Влен.

Поради овие сомневања, од Влен побараа Обвинителството и Управата за финансиско разузнавање да ги испитаат околностите поврзани со финансиските трансакции и купопродажбата на акциите.

Засега, наведените тврдења претставуваат политички обвинувања, а од компанијата на Арифи ги отфрлаат како неосновани.

Во политичката расправа се вклучи и опозицискиот СДСМ, од каде што одговорноста за состојбата со Алта банка ја насочуваат кон премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Од партијата обвинуваат дека со постапувањето на надлежните институции била доведена во прашање сигурноста на банкарскиот систем, а власта, според нив, се обидува да го пренасочи вниманието од сопствената одговорност.

„Сега во страв од одговорност, Христијан Мицкоски посегнува по истиот модел на неговиот шеф, Александар Вучиќ и она што тој го правеше во Србија, сака да ја замолчи опозицијата. Мицкоски прво ја обвинуваше СДСМ за ширење хистерија, иако тој и Славески ја создадоа хистеријата“, изјави Наташа Поповиќ од СДСМ.

Од СДСМ бараат одговори за институционалните одлуки поврзани со преземањето на банката и за постапувањето на надлежните органи.

 

 

 

Слични вести