Мандолинскиот оркестар „Скопје“ вечерва, со почеток во 20 часот, во Националната опера и балет одржува јубилеен концерт под наслов „25 + 60 = Мандолина, Хармонија, Инспирација“, со кој ќе бидат одбележани два значајни јубилеи – 25 години од основањето на оркестарот и 60 години уметничко творештво на маестро Рамадан Шукри.
Концертот е посветен на четвртвековното постоење и континуираниот развој на Мандолинскиот оркестар „Скопје“, кој од основањето во 2001 година до денес има значајна улога во афирмацијата на мандолинската музика и промоцијата на македонската музичка култура во земјата и во странство.

Посебно место во вечерашната програма ќе има одбележувањето на шестдецениската уметничка кариера на маестро Рамадан Шукри, контрабасист, педагог и диригент, кој со својата долгогодишна работа оставил значаен белег во македонскиот музички живот. Неговата посветеност на музиката придонела за создавање бројни генерации млади музичари и за развој на мандолинската оркестарска традиција.
Под негово раководство, како и под уметничкото водство на м-р Ерхан Шукри, оркестарот се развил во препознатлив музички состав со бројни домашни и меѓународни настапи и соработки.
Публиката вечерва ќе има можност да проследи разновидна музичка програма, која ќе опфати дела од класичниот репертоар, оркестарски композиции и музички изненадувања. На сцената ќе настапат и истакнати домашни и странски солисти.
Јубилејниот концерт се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.