На поранешната данска министерка за миграција, најверојатно, ќе и биде изгласано исклучување од парламентот, откако беше осудена за кршење на правата на мигрантите, раздвојувајќи ги двојките азиланти во кои девојката е малолетна.
Ингер Стојберг минатата недела беше осудена на два месеци затвор за незаконско раздвојување на двојки азиланти, според специјалниот суд кој го следи однесувањето на министрите.
Нејзината наредба за раздвојување на двојките азиланти во случај на девојка помлада од 18 години, без секој случај да се разгледува поединечно, беше прогласена за кршење на Европската повелба за човекови права.
Популарната министерка, на функцијата од 2015 до 2019 година, денеска треба да учествува на дебата во парламентот што најверојатно ќе резултира со нејзино исклучување.
Според данскиот закон, осудените на кратки казни остануваат на слобода, а Стојберг ќе ја отслужи казната под одредени ограничувања, но ќе избегне затворска казна.
Повеќето партии се согласуваат дека Стојберг заслужува да биде исфрлена од парламентот, вклучително и нејзината либерална партија Венстре, која ја напушти во февруари.
Владата на барање на министерот во 2016 година разделила 23 парови без да се разгледуваат случаите на индивидуална основа.
Станува збор за парови во кои девојчињата биле малолетни, но разликата во годините меѓу нив била мала.
Вработените во центарот за бегалци потврдија дека некои девојки страдале од самоубиствени мисли поради разделба.
Стојберг верува дека добро се снашла и дека нејзината политика била насочена кон борбата против принудните бракови.
-Мислам дека ова не е само мој пораз денес, туку и пораз на данските вредности, ме казнуваат затоа што се обидувам да ги заштитам девојките. Искрено, тука нешто не е многу во ред, напиша таа во пораката на социјалните мрежи.
Сепак, додаде дека ја почитува одлуката на судот и дека врти ново поглавје во нејзиниот живот.