Првиот премиер под лидерство на Владимир Путин вели дека денешниот говор по повод Денот на победата над фашизмот покажал оти рускиот претседател е свесен дека неговата војна пропаѓа.
Поранешниот руски премиер Михаил Касјанов изјави дека Путин сега е во неволја и дека ова е, како што рече, почеток на крајот на ерата на Путин.
Тој во интервју за „Скај њуз“ рече дека рускиот претседател бил заведен и дека не очекувал толку висок отпор од Украина. Поранешниот премиер, кој претходно се изјасни против војната, рече дека Путин го украл Денот на победата над фашизмот од Русија создавајќи инструмент за пропаганда.
Касјанов рече дека тоа што денеска не е објавена победа значи дека руските сили губат сила. Во меѓувреме, друг поранешен руски политичар исто така сугерира дека Путин може да биде сменет.
Генадиј Гудков, поранешен член на либералната опозиција во егзил, на „Твитер“ напиша: „Путин повторуваше цитати од фиока, без да се осмели да каже нешто посериозно. Значи, Кремљ веќе нема никакви трикови. Сега поразот на Путин е прашање на време“.
Путин, пак, денеска изјави дека нема сомнеж оти специјалната воена операција на Москва во Украина ќе го постигне својот резултат, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.
„Сите наши планови се реализираат. Резултатот ќе биде постигнат – во тоа нема сомнеж“, рече Путин.
Русија денеска, ја прославил 77-годишнинатата од победата над Нацистичка Германија. Во поворката, која се одржала на московскиот Црвен плоштад, учествувале околу 11.000 војници, а на главниот плоштад во Москва продефилирале и тенкови и друга воена техника. За разлика од претходните години, на настанот не присуствувал ниеден странски претседател.