Поранешен министер, лекар и „шарен револуционер“ во битка за Прилеп

by fokus 09:06
09:06

Поранешниот министер за транспорт и врски и поранешен директор на Царинската управа, Горан Сугарески од  СДСМ, специјалистот ортопед, Борче Јовчески од ВМРО-ДПМНЕ и еден од предводниците на „Шарената револуција“, адвокатот Жаре Стеваноски се дел од кандидатите кои ќе се борат за градоначалник на Прилеп. Градот во изминатите четири години го водеше Илија Јованоски од редовите на СДСМ, но за претстојните локални избори, партијата го кандидираше Сугарески кој од министер и директор, сега сака да стане градоначалник на родниот град.

-Затоа што го сакам Прилеп. Затоа што она што најмногу го сакам, ценам и вреднувам, семејството, другарите, пријателите, се наоѓа во Прилеп. Сметам дека е вистинското време кога целото мое искуство, стекнато знаење и вештини, можам да го посветам исклучиво на мојот роден град, на Прилеп и на прилепчани, вели Сугарески на прашањето на „Фокус“ кој е неговиот предизвик од високи позиции сега да стане локален функционер.

- Advertisements -

За неговиот сопартиец Јованоски кој не доби кандидатура има само пофални зборови. Вели дека факт е дека Јованоски за четири години заедно со централната власт направил повеќе за градот отколку ВМРО-ДПМНЕ за 12 години.

Горан Сугарески

Со реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“ централното градско подрачје доби целосно нов лик. Комплетната реконструкција на стадионот „Гоце Делчев“ по петипол години го врати прилепчани на трибините. За прв пат од осамостојувањето, во Прилеп се гради нова детска градинка, со капацитет од 252 деца. Се изгради ИКТ центарот, објект од стратешко значење за државата, инвестиција од 11 милиони евра. Додека пак, кај ТИРЗ Прилеп изградивме клучка во вредност од 4 милиони евра, со која обезбедивме побрз и побезбеден транспорт на стоки и услуги во зоната, вели Сугарески.

Сепак смета дека треба да се посвети поголемо внимание на уредување на влезовите во градот и тесните сообраќајни грла, на коритото од Градската река. Обезбедувањето на чиста животна средина е негов приоритет, но и поголема соработка помеѓу локалната самоуправа и бизнис заедница. Партиските вработувања се рак рана во целото општество, но особено се видливи во градовите во внатрешноста, но Сугарески вели дека стручноста и компетентноста се она што се залага.

-Во целиот мој професионален ангажман, без разлика на која позиција сум бил, децидно сум се залагал вработените во јавните служби да се водат од интересите на граѓаните, да бидат стручни и компетентни за она што го работат.

ПАЦИЕНТИТЕ МЕ ПОТТИКНАА ДА СЕ КАНДИДИРАМ

Лекарот Борче Јовчески кој работи во прилепската болница како ортопед својот порив да се кандидира за градоначалник на Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, го нашол во дискусиите коишто ги имал на секојдневните средби со своите пациенти.

Луѓето споделуваа проблеми, идеи, потенцијални решенија и тоа ме мотивираше да размислувам како можам да им помогнам.  Моите приоритети се пред се град Прилеп да стане едно поубаво место за живеење. Да се обнови инфраструктурата, да се изградат нови градинки, игралишта и спортски објекти, да има повеќе зеленило и паркови, да го вратиме ликот на старата прилепска чаршија. Да се решат проблемите со паркинг и да се растерети сообраќајот со градење на кружни текови и обиколници, како и да се уреди коритото на реката, вели Јовчески. И тој предизборно вели дека вработувањата треба да се според одредени критериуми и на бараните позиции да одговорат професионални кадри, со соодветно образование .

Борче Јовчески

Натпреварот меѓу кандидатите во Прилеп го засени фејсбук коментар на прилепчанец кој ја искористи личната трагедија на лекарот Јовчески и му порача да се повлече од трката за да не го најде и другиот син во ендек. Овие закани ги осудија сите, но и противкандидатот на Јовчески, Горан Сугарески, па двајцата беа на пријателска средба на која Сугарески апелираше на натпревар со идеи, а не навреди.

За разлика од Сугарески и Јовчески кои се умерени во критиките за водењето на градот, поранешниот предводник на „Шарената револуција“ во Прилеп и член на СДСМ, адвокатот Жаре Стеваноски не штеди критики за управувањето со градот. Тој се кандидираше како кандидат на Граѓанската иницијатива „Че вреди“.

На Прилеп му недостига ред во урбанистичкото планирање, дисциплина во комуналното уредување, професионализам и ефикасност во административното работење на службениците.  Насушно недостига домаќинско трошење на парите на граѓаните, транспарентност на работата на Советот на Општина Прилеп, недостига дебата и спротивставување на ставови меѓу советничките групи на очиглед на јавноста, ни фали јасно и гласно да чуеме кој за што се залага и се бори во тој совет, вели Стеваноски.

Според него, најмногу од се на Прилеп му недостига чесност на носителите на јавни функции, вели, се вработува по партиски и роднински клуч, а администрацијата е тромава и непрофесионална.

„ЧЕ ВРЕДИ“ – политичко освежување во Прилеп

Буџетскиот дефицит на општината со промена на власта во 2017 изнесуваше преку 2 милиони денари, после 4 години буџетскиот дефицит изнесува 21 милион денари. Зборуваме за четири годишен основен буџет на општината од преку 80 милиони евра, а го имаме ова што го гледаме, едно големо ништо. Општина со околу 64 илјади жители со таков буџет, а имаме осиромашени и изманипулирани земјоделци, никаква инфраструктурна реализација, спорт во изумирање, смета адвокатот.

Граѓанската иницијатива „Че вреди“, како ново движење на прилепчани им ветува општина во која ефикасно, брзо и професионално ќе се решаваат проблемите на граѓаните.

-Затоа нудиме воведување на единствен систем за прием и следење на предмети преку кој секој барател ќе има можност да ја следи работата врз предметот на интерес и лично ќе се увери во ефикасноста на административниот работник во решавање на предметот. На таков начин општинската администрација ќе се воведе во процес на професионална селекција која ќе ги раздвои професионалните од непрофесионални кадри и на професионалците ќе им овозможи личен напредок во својата работа, вели Стеваноски.

 Жаре Стеваноски и Дарко Конески за Совет на Општината

Тој најавува сосема нов концепт во начинот на распределба на јавниот колач преку постапките за јавни набавки, со тоа што ќе се елиминира досегашната пракса економските оператори да се делат на подобни и неподобно во зависност од нивната партиска наклонетост и големина а малостопанствениците во целост ќе се елиминираат од можноста да учествуваат во постапките за јавни набавки.

Тој смета дека ќе освои повеќе од доволно гласови за победа на локалните избори и покрај партиската машинерија на двете најголеми партии.

-Партиската машинерија и на двете најголеми политички партии во Прилеп ја сочинуваат мои сограѓани кои без оглед на нивната политичка припадност низ годините се увериле во мојата неселективност во решавање на нивните проблеми од најразличен карактер преку мојата работа како адвокат.  Верувам дека Прилеп созреа повеќе од доволно за да го препознае и да го направи вистинскиот избор кој овој пат нема да го поврзува со политичка партија ами со личност, вели тој.

Освен овие тројца кандидати, за градоначалничката функција во Прилеп ќе се натпреваруваат и Славе Петрески од Движење „Одлучно за промени“ и Зоран Митрески од ИНТЕГРА.

Фросина Факова-Серафиновиќ

 

Поврзани новости