Бизнисменот Бастри Бајрами, кој е поранешен градоначалник на Арачиново од редовите на веќе непостоечката партија на Имер Селмами – Нова Демократија, е кандидат за пратеник на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ во втората изборна единица.
Поточно, Бајрами се наоѓа на седмото место во „двојката“, каде спаѓа и Арачиново, како предлог на БЕСА на Биљал Касами, кој со Зоран Заев постигна договор за формирање на првата, условно кажано, македонско-албанска предизборна коалиција.
Во изјава за Фокус, Бајрами вели дека БЕСА е политичка партија која им дава простор на сите професионалци што сакат да придонесат кон подобрување на животот на граѓаните.
-Партискиот врв на БЕСА проценил дека со мојата кандидатура може да добиеме поголема подршка и според просторот што ми е овозможен за делување убеден сум дека ќе бидеме апсолутни победници во Арачиново, но и во целата изборна единица – изјави вели тој.
Инаку, Бајрами беше избран за градоначалник на Арачиново на локалните избори во 2009 година како кандидат на тогаш младата политичка партија Нова Демократија формирана од Селмани, кој се отцепи од ДПА и истата година веднаш направи голем успех на претседателските избори со освоени 147 илјади гласови.
Сепак, неговата партија на парламентарните избори во 2011 година доживеа неуспех со само 20 илјади гласови и ниту еден пратенички мандат, што ја ставија партијата зад ДУИ, но и ДПА и тогаш новоформираната НДП на Руфи Османи.
Тоа беше вовед во згаснување на партијата и повлекување од политичката сцена на партискиот лидер Селмами, кој пак на последните претседателски избори во 2019 година му даде јавна поддршка на кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски.
Воедно, на парламентарните избори во 2011 година Бајрами ја предводеше пратеничката листа на НД во втората изборна единица, додека кандидат за пратеник во шестата изборна единица беше Ѓулимсере Касами, која, пак, на претходните избори во 2016 година беше избрана за пратеник од листата на СДСМ.
В.С.