Поранешен припадник на албанската специјална армиска единица „Командоси“, Ерзен Ука, кој беше уапсен вчера под обвинение за тероризам, денеска изјави дека „не го признава албанскиот суд“ и оти „го почитува само Алах“.
Тој, на денешната расправа пред Судот за тешки кривични дела, упати и директна закана до судијата и обвинителот дека „ќе положат сметка кога ќе излезе од затвор и нема да минат лесно“.
Ука одби и да стане кога судијата ја читаше одлуката за негов притвор.
Дваесет и деветгодишниот Ука, кој служел во Ирак и Авганистан во 2011 година, по двегодишно следење беше уапсен вчера од страна на припадниците од Антитерористичката канцеларија на Државната полиција.
Тој е обвинет за „радикални тенденции“ и поттикнување омраза со цел извршување терористички акции, како и за обука на деца за учество во ИД и за вршење терористички напади. Албанските властите го прогласија Ука за лице со висок ризик.
На неговиот профил на Фејсбук, Ука објавувал и споделувал видео записи и фотографии кои промовираат и пропагираат терористички активности. При претрес на неговиот стан, полицијата пронашла и запленила и муниција.