Екс министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на својот фејсбук профил излезе со негов став околу пораката на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп која му ја пренесе на лидерот на ДУИ, Али Ахмети на вчерашната средба.
„ Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп прати исклучително јасна порака дека има назадување во владеењето на правото во последниве две години, како и недозволиво политичко мешање во работата на Врховниот суд.
Кога човек тера во лош правец, вистинските пријатели не го тапкаат по рамо и не му велат “терај, сѐ е во ред”, туку искрено му велат – “тука грешиш, поправи се”.
Во оваа смисла, пораката на амбасадорот е порака на вистински пријател.
Прво, ја испратил на права адреса, кај Ахмети, со што посочува каде е маката и кој влече конци.
Второ, прецизно го лоцира падот – во правната држава и тоа во последниве две години, што коинцидира со мандатот на владата на Ковачевски.
Трето, укажува на последиците – загрозување на посветеноста за членство во ЕУ и тоа од страна на влада што ЕУ од уста не ја вади, дури и тогаш кога го бербати Европското знаменце.
Конечно, го става во фокус недозволеното политичко влијание врз претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и предупредува дека резултатот ќе биде остра реакција на Холандија.
Ако претпоставиме дека партиско-политичкиот притисок врз судот е во насока на оживување на помилувањата на Иванов, за Груевски да може да се врати како слободен граѓанин и да ја ослаби опозицијата, тогаш валканиците целосно се на виделина.
Ним, се чини, не им е грижа за европските интеграции.
Дури изгледаат апсолутно подготвено да ја платат и цената од нова блокада, овој пат од Холандија и овој пат сосема оправдана, само за да останат на власт и да не може да се формира идна влада без нив. Додека се нарекуваат “Европски фронт”.
Не е ниту човек да иронизира, пораките од амбасадорот денес се толку сериозни што бараат итен ресет и ангажман од сите општествени и политички чинители.
Оти, ако зборувавме за киднапирана држава и киднапирани институции во времето на режимот, сега ќе треба да се потрудиме да најдеме нов збор за да ја опишеме состојбата.
Имаме очигледно како општество голем пат пред нас. И тој ќе може да се изоди само со вистински промени. Ама прво треба да се признае и прифати реалноста, која почна да оди далеку од македонски и балкански, а камоли од европски стандарди.“ напиша тој.