1.5K
-Ете, заради Владо Георгиев, и некој новопечен фраер Мете МОШ, кој мислел дека има локал во Њујорк со 8.000 ден резервација за 4 лица, сега нашите естрадни уметници ќе останат дома и ќе си пеат/свират на ѕидовите- се огласи на социјалните мрежи Билјана, сопруга на популарниот фолк пејач Марјан Коцев, по забраната за настапи во живо на музичари и диџеи ширум земјава, употребувајќи навредлив збор на сметка на Георгиев.
Во објавата, таа револтирано реагира до министерот за здравство, Венко Филипче и до Комисијата за заразни болести, посочувајќи им дека порано требало да ги следат рекламите на социјалните мрежи и билбордите за концерти на странски пејачи, и да предвидат што може да се случува на такви настани, каде за резервација на маса се плаќа по 8.000 денари. Појаснува дека најлесно е да се каже стоп, но треба да се мисли што ќе се случува со нашите музичари и нивните семејства сега, но и најверојатно до наредната пролет.
-Имено, во контекст на цела ситуација, Владата донесе мерка за активно невработени лица да подели платежна-картичка од 9.000 ден, без никакви аплицирања. На мојот естраден уметник му следуваше по дифолт истата, му испратија СМС од банка каде да ја подигне. Станува збор за ФИНАНСИИ ОД БУЏЕТ НА РМ. По некое време донесоа мерка за помош на естрадни уметници, со пристигнати ФИНАНСИИ ОД ЕВРОПА (значи не оптоварен буџет на РМ), за месеци април и мај (иако и другите месеци од кризата не дозволија работа за овие лица), по 14.500 ден од месец. Мојот естраден уметник уредно аплицираше до Владата, исполнувајќи ги сите услови за оваа помош. НО ГО ОДБИЈА, БИДЕЈЌИ КОРИСТЕЛ МЕРКА ЗА ПЛАТЕЖНА КАРТИЦА. Уште еднаш да нагласам, финансиите за двете мерки се од различни буџети. Значи, мојот естраден уметник излезе виновен што ги исполни условите за двете мерки – пишува Коцев.
Таа додава дека тие исто така мораат да враќаат и кредит, што дополнително ја отежнува нивната финансиска состојба.
-Исто така, Стопанска банка понуди да се одложи кредитот на уште 6 месеци, но и тие одбија, малку им беше атачираниот документ дека уметников е активно невработен, па уредно пратија СМС дека е одбиен, и дека кредитот му доспева овој месец – појаснува таа, прашувајќи дали треба да го жали сопственикот на локалот каде настапуваше Владо Георгиев, по што надлежните служби реагираа и се донесе забраната за настапи во живо, и дали министерот би може да живее со 20.000 денари месечно, со станбен кредит и две мали деца.
Нејзината објава ја поддржаа голем број на лица од естрадата, кои исто така реагираат дека поради неодговорни поединци страдаат и оние кои за целото време ги почитувале мерките за заштита од вирусот. Инаку, нејзиниот сопруг, фолк пејачот Марјан Коцев беше еден од најангажираните пејачи кога се свадбите во прашање. Исто така, пред пандемијата, тој беше чест гостин кај нашата дијаспора.
Вики Клинчарова