Цената на нафтата се зголемува поради стравувањата дека украинската криза може да ја наруши светската испорака. Фјучерсите за Брент утрово достигнаа 98 долари за барел, што претставува највисока цена изминативе 7 години, а растот според инвеститорите е резултат на одлуката на Москва да ги признае украинските сепаратистички региони како независни држави.
Повеќе западни земји се заканија со нови санкции за Русија, која е втор по големина извозник на нафта во светот, по Саудиска Арабија, и најголем извозник на природен гас.
Инвеститорите се претпазливи поради ситуацијата во Украина, која доаѓа во момент кога глобалната економија започна да се опоравува од влијанијата на пандемијата.
Берзанските индекси регистрираа опаѓање, почнувајќи од Јапонскиот Никеи 225, кој се намали за повеќе од 2 проценти, Шангај Композит за 1,4 проценти, ЕсПи 500 за 1,6, Дау Џонс за 1,4 и фјучерсите на Насдак 100 паднаа за 2,2 проценти.
Договорите за фјучерси, кои инвеститорите ги прават пред отварањето на берзанските пазари, посочуваат на тоа како тие очекуваат тргувањето да се движи.