Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев ја доби титулата за личност на Југоисточна Европа за економија и европеизација на Балканот за 2022 година. Ова признание го доделува СЕЕ Фестивал, односно South East European Film Festival, Paris-Berlin-Washington.
Покрај Јанчев, добитници на наградите на СЕЕ Фестивал 2022 се и српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ, кому му е доделена наградата Еуропа Прима, модниот дизајнер Изет Цури, актерот Бајруш Мјаку и филмскиот работник Карпо Аќимовиќ-Година. Како што е објавено на страницата на филмскиот фестивал, за Јанчев кој е добитник на титулата, покрај информациите дека е градоначалник на Општина Кавадарци и сопственик на компанијата ,,Кожувчанка”, наведено е и дека е голем хуманист, но и човек кој се стреми кон подобро општество и зад себе има низа на активности и донации во многу области.
-Поддржувач на повеќе спортски клубови, на културни и уметнички настани, но и донации од областа на медицината, објави СЕЕ Фестивал.
Јанчев се заблагодари за титулата и изјави дека го поканил Бјелогрлиќ во Кавадарци, каде ќе бидат прикажани победничките филмови од Париз, Берлин и Вашингтон.
Вики Клинчарова