Поради висок крвен притисок и паничен напад пред денешното рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не се појави сведокот Гоце Трајковски. Тој заедно со Александар Ѓорчевски водеше паралелена истрага за пронаоѓање на Вања, и прв го лоцираше ,,цитроенот” со кој беше грабната Вања, а беше во сопственост на велешанецот Панче Жежовски, кој исто така беше убоен.
Неговото отсуство пред присутните го правдаше неговата мајка Кираца Трајковска, која денеска исто така се појави во својство на сведок.
На прашањето на судијата дали ги познава обвинетите, појасни дека со Александар Ѓорчевски се старо кумство, а за Љупчо Палевски Палчо рече дека му е зет за втора братучетка. Исто така кажа дека Александар 10 години работел во ,,Фершпед”, каде што таа била заменик генерален директор.
-Александар и Гоце се немаа видено сигурно 10 години, но откако слушнавме за Вања се понуди да помогне во потрагата и веќе утре дента отиде кај нив. Одеше по куќи, одеше по згради и бараше каде има камери. Ми рече дека девојчето ми се губи во зградата, бидејќи забележа дека влезот на зградат не е покриен со видео надзор. Се сомневаше дека воопшто не е излезена од зградата, сведочеше Трајковска.
Појасни дека кога ,,цитроенот” им станал сомнителен, го поврзале возилото со Панче Жежовски, па помислиле тој ја грабнал Вања.
-Гоце ми прати скриншут од возилото. Од мои роднини од Велес барав информации и баравме снимки и еден роднина ни даде, а Гоце ги предаде во полиција, сведочеше Трајковска.
Таа појасни дека, пак, Палевски го познава откако се оженил со негова братучетка, но и претходно, го знаела деловно. Рече дека знаела дека одреден период имал финансиски проблеми, како и сите бизнисмени, кои имале подеми и падови. Одговори и дека, фамилијата Ѓорчевски немала никаква комуникација со Палевски.
Судењето е во тек.
Валентина Вурмо