Веќе десетина дена нема седница на Комисијата за избори и именувања на која треба да се утврдат предлозите за нови уставни судии. Комисијата треба да се произнесе за уште осум предлог-судии. Досега е прифатен само предлогот за Фатмир Скендер.
Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ кој учествува на седниците на Комисијата, во изјава за „Фокус“ вели дека власта не закажува нова седница, бидејќи нема мнозинство за гласање поради тоа што дел од членовите се по одмори.
Еве мене ме обвинија дека сум шетал и не сум закажувал седници на Комисијата за финансирање и буџет. Јас бев на службено патување во Египет на интерпарламентарна група, каде беа и млади пратеници и од СДСМ и од другите партии. Веднаш штом се вратив закажав седница и интензивно работиме на ребалансот. А, тие не закажуваат седница за уставните судии со недели, вели Стојаноски.
Тој додава дека судството во Македонија и понатаму е под контрола на извршната власт и дека уште од сега се знае кој ќе биде избран за уставен судија.
Покрај Скендер кој веќе доби позитивно мислење од Комисијата, Стојаноски прогнозира дека другите двајца кои ќе бидат избрани се републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, како и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство.
Во распоредот на Собранието се уште нема закажано продолжение на седницата на Комисијата за избори и именувања за уставните судии, а пратениците немаат ни најава дека тоа наскоро ќе се случи.
Уставниот суд во моментов, од предвидените девет, работи без четворица судии на кои им истече мандатот. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии. Предложени се девет кандидати.
Катерина Смилева Божиновска