Гевгеличани стравуваат дека им е загрозена безбедноста во родниот град. Велат дека зголемениот број на мигранти на територијата на оваа општина може да предизвика опасност од аспект на сигурност, но и од аспект на здравствени и хигиенски стандарди. Мигранти има буквално низ целиот град. На железничката и автобуската станица, во парковите, по тротоарите, низ ценатрот. Некои од нив одмораат, некои јадат, други единствено чекаат превоз. На железничката станица владее хаос. Смрдеа и ѓубре има насекаде околу мигрантите. Ова според гевгеличани може да биде голема причина да се предизвика ширење на заразни болести.
„Мигрантите кои престојуваат во нашиот град се потенцијлна опасност за појава на заразни болести. Стравувам да се возам и во автобус, воз или такси бидејќи низ нив имаат поминато голем број мигранти. Сето тоа треба прво да се дезинфицира за да се спречи ширење на било каква болест“, вели жител од Гевгелија.
Дел од граѓаните стравуваат и за својата безбедност и безбедноста на своите деца.
„Се плашам да ја пуштам мојата ќерка да си игра надвор пред зграда. Мигрантите ги има насекаде. Слушам дека почнале да задеваат мали девојчиња и жени“, вели загриженa гевгеличанка.
Според информациите, мигрантите освен со воз и автобус, се превезуваат и со такси возила за цена дури и по 150 евра од човек.
Советот на општината деновиве расправаше за мерките со кои би се заштитила безбедноста на Гевгелија во случај на зголемување на бројот на мигрантите. Локалниот совет предложи дека за побрз и побезбеден проток на мигрантите кон другите држави потребно е регистрацијата и евидентирањето на мигрантите да се врши во близина на граничната линија, односно кај граничниот камен 59 на македонско грчката граница, на специјален полициско граничен пункт, а качувањето да биде од помошниот железнички перон во близина на железничката станица и тоа во специјален, а не јавен железнички, автобуски и такси превоз.