Четири дена семејството на Драган Стојанов (40) од Штип живее во агонија и трага по него. Излегол од дома, од населбата Баби, ноќта во сабота кон недела, нејверојатно околу два часот, облечен само по гаќи и влечки, со себе не понел ниту телефон, ниту било каков документ.
Неговиот татко за ,,Фокус” вели дека Драган зел само пари, околу 8.000 денари во готово и картичката на мајка му, на која имало околу 1.000 денари. Каде заминал, без облека и без телефон не знаат, но стравуваат од најлошото.
-Драган имаше многу проблеми, беше во долгови. Играше комар, одеше во казино… Периодов одеше и на работа, пред да исчезне користеше боледување поради болки во коленото.
Но, исто така, тој беше многу разочаран. Не беше должен некои големи суми на пари, подигал кредити и се коцкал, но сепак беше очаен, најверојатно не знаел како да ги врати долговите.
Токму поради тоа, а и поради начинот на кој среде ноќ додека ние спиевме заминал од дома, ние стравуваме дека кренал рака на себе, дека се фрлил во река, низ плач раскажува таткото.
Вели дека Драган имал терапија која редовно требало да ја прима, препишана од психијатар, но често се случувало да не ги пие лековите на време. Живеел со родителите и немал оформено свое семејство.
– Казината и долговите направија тој да се однесува вака, сите да минуваме низ вакви трауми. Заедно со пријатели овие денови ја пребаруваме околината, но како би знаеле на која страна тргнал?
Потребна ни е помош, апелираме институциите да се вклучат со кучиња трагачи и со дронови, ние сами, немаме сили.
Од полиција се уште ми немаат јавено дека имаат било каков траг.
Ја замолуваме јавноста, доколку некој има информација за нашиот син, веднаш да пријави во полиција, вели очајниот татко.
Вики Клинчарова