Поради истечен мандат на поротничка „висат“ пет случаи на СЈО

by fokus

Во раце на Судскиот совет е одлуката дали пет предмети на СЈО, „ТНТ“, „Монструм“, „Тендери“, „Топлик“ и „Талир“ ќе почнат од почеток, и во вода ќе пропаднат сите досегашни оддржани рочишта, или пак ќе изнајдат начин судењата да продолжат таму каде што застанале.

Судскиот совет е на потег, бидејќи мандатот на една од поротничките, од судечката петорка за овие предмети, е изминат. Поточно, поротничката Лилјана Ивановска Кочковска била избрана на 24 декември 2015 година, а четиригодишниот мандат и истекуав утре. Таа, пак, веќе има наполнето 60 години, поради што не може да биде избрана за уште еден мандат.

Во Членот 48 од Законот за судовите пишува дека за поротник може да биде избран граѓанин кој не наполнил 60 години.

-За судија – поротник може да биде избран полнолетен државјанин на
Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој
активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа
функција и кој не е постар од 60 години, пишува во законот.

Во Членот 49 пак е предвидено дека поротник се избира за време од четири години и може повторно да биде избран.

Како што дознава „Фокус“, од Кривичниот суд го известиле Судскиот совет за новонастанатата ситуација, и се бара решение. Неофицијално, судот ќе бара продолжување на мандатот на поротникот, а причина навеле повеќе аргументи, како на пример, судење во разумен рок, судски трошоци, јавен интерес и слично.

Истекот на мандатот на поротничката е најкритичен за предметите „ТНТ“ и „Монструм“. Првиот предмет, за рушењето на објектот „Космос“, по две години судење, е пред самиот финиш, а и случајот за петкратното убиство се очекува да финишира набрзо, бидејќи родителите на убиените деца веќе седма година чекаат казна за сторителите.

Проблемот со поротничката го увиде пратеникот Илија Димовски, како обвинет во случајот „Титаник“. Сепак не постои ризик овој случај да почне од почеток, бидејќи таму е обезбеден заменски поротник, кој од првото рочиште е дел од судечкиот совет.

Од друга страна, пак судите во овие предмети, Огнен Ставрев и Осман Шабани, е можно да преминат во Апелација, каде што изборот на нови судии е закажан за два дена. Сепак, упатените велат дека ова е помалиот проблем, бидејќи и да бидат избрани во второстепениот суд, може да бидат делигирани да ги довршат предметите кои ги имаат започнато.

Валентина Вурмо

Поврзани новости