Поради фубалерот од Кавадарци кој е дел од ФК Росоман 83, а чиј позитивен резултат на Ковид-19 тестирањето пристигнал вчера, целиот клуб заминува во самоизолација.
Веста дека сите играчи и членови на клубот ќе останат во самоизолација во наредните 14 дена, ја соопштија и од клубот.
-За жал, пристигна информација дека сите наши играчи и членови на клубот треба да бидат во самоизолација во наредните 14 дена. Тестовите беа негативни, но поради заштита на јавното здравје, мораме да ги почитуваме мерките и препораките. За бараж натпреварот ќе ве известиме дополнително, моментално најважно е да останеме трпеливи и да се надеваме на добро одвивање на настаните – информираат од ФК Росоман 83.
Пред два дена пак, на страницата на клубот беше објавена вест дека во пресрет на бараж натпреварот се врши тестирање на сите играчи. Исто така, беа споделени и фотографии од фудбалерите додека им се зема брис. На 10-ти јули беше планирано да играат на градскиот стадион во Штип против екипата на Слога од Виница.
Фудбалерите исто така беа тестирани за корона вирус и на осми јуни пред натпревар. Тогаш сите играчи и тренери беа негативни. Според Центар за јавно здравје Кавадарци, инфицираниот фудбалер е во добра состојба и се наоѓа на домашно лекување.
Вики Клинчарова