Затвореникот, за чие бегство, денеска беа уапсени 17 припадници на затворската полиција во ,,Идризово”, е Зулќуфли Нуредини, познат под прекарот Репки, од скопското село Батинци, дознава ,,Фокус” од доброупатени извори од затворот.
Бегството на Нуредини било организирано лани во октомври, кога осуденикот бил однесен на лекување во приватна болница.
-На 26.10.2023 година во приватна здравствена установа во Скопје, петмината осомничени – затворски полицајци при КПУ – КПД Идризово Скопје, како група, со умисла помогнати од шестиот осомничен затворски полицаец – приправник, овозможиле бегство на лице осудено за кривично дело „Убиство“ по чл.123 ст.1 од КЗ. Додека осуденото лице било на медицински третман, согласно прописите било обезбедувано од затворската полиција на КПУ-КПД Идризово. Критичниот ден со придружба на двајца осомничени затворски полицајци, лицето се упатило во просторијата за пушење во непосредна близина на болницата. Таму, заедно со придружбата поминало околу половина час, по што осомничените затворски службеници заминале, овозможувајќи му на осуденикот да излезе од просторијата и со ПМВ да се даде во бегство. Осомничените не го пријавиле бегството кај непосредните старешини во КПУ- КПД Идризово, ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата каде биле затекнати од полициски службеници од ЕИП при МВР-СВР Скопје, информираа денеска од Обвинителството.
По бегството затвореникот веднаш бил најден и вратен зад решетки.
Нуредини, познат под прекарот Репки, беше уапсен во октомври 2021 година од ,,Тигрите”, по неколку неуспешни обиди претходно.
Нуредини тогаш бил баран по потерница за два обиди за убиство. Тој бил под сомнеж и дека имал учество во повеќе насилни кривични дела, како што се изнуди, рекетирања на бизнисмени и на повратници од дијаспора, како и дека учествувал во организација и подметнувања на пожари на автомобили.
-Полициски службеници од САЕ Тигар во координација со АНБ на 02.20.2021. во 1.40. часот на локалитет Лавчани на територија на Велес го приведоа З.Н, (30) од с. Батинци, кој се бараше по потерница поради основано сомнение за извршени повеќе кривични дела, меѓу кои две „обид за убиство“. Лицето е предадено на надлежното јавно обвинителство, официјално соопштија тогаш од МВР.