Порачаните 194.000 вакцини од руската Спутник никако да стигнат

by Fokus

Новинари, судии, обвинители пред шест месеци беа меѓу првите граѓани, кои ја примија првата доза на руската вакцина Спутник В, која моментално ја нема во државата.  Таа е единствена од вакцините, која не може да се најде на пунктовите за вакцинација во поликлиниките, иако од министерството за здравство тврдат дека веќе е склучен договор за набавка.

Првиот човек во здравството, Венко Филипче пред три недели истакна дека трета доза на вакцина можат да примаат сите оние граѓани, кои се изложени на ризик на работното место, без разлика на возраста.

Трета доза вакцина против Ковид-19 ќе можат да примат сите граѓани. Комисијата за имунизација предложи да се прошират категориите на граѓани кои што ќе можат дополнително да се имунизираат. Па така, покрај лицата над 60 години, здравствените работници и оние со хронични болести, во иднина трета доза ќе можат да примат сите оние коишто сметаат дека се изложени на ризик.

Но, повторно се враќаат дилемите. Дали граѓаните кои примиле две дози од една вакцина можат да примаат трета доза од друг производител. Ова прашање сега се наметува со оглед на тоа што многумина веќе ја примија вакцината Спутник, која во моментот ја нема.

Од друга страна, од министерството за здравство во изјава за „Фокус“ тврдат дека Република Северна Македонија, годинава склучила договор за набавка на вакцини од производителот Спутник В. Но, сепак ако неа ја нема, слободно можат да ги примаат вакцините на Фајзер.

„Треба да добиеме 97.000 вакцини од прва компонента и 97.000 вакцини од втора компонента од овој прозиводител. Се прави проценка кога ќе бидат повлечени овие колични на вакцини. Граѓаните кои се вакцинирани со вакцината на производителот Спутник В, трета доза вакцина може да примаат по 6 месеци од ревакцинација. Согласно препораките на Националната комисија за имунизација, третата доза вакцина треба да е мРНА вакцина, а такви вакцини се Фајзер и Модерна. Во нашата земја, мРНА вакцина  имаме од производителот Фајзер“ се наведува во одговорот од ресорното министерство.

Според последните статистики, заклучно со 31 октомври вкупно се вакцинирани 805.008 граѓани, ревакцинирани се 775.825, а трета доза примиле 30.852 граѓани. Дури 54% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57% , а со две дози опфатени се 46% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости