Западниот хир, ,,after work” собири во кафеани и колегијални предновогодишни забави во угостителски локали, не ја одмина и Македонија. Во последните неколку години, речиси да нема фирма чии вработени не се собираат во кафеана, заедно да се забавуваат предновогодишно, а периодов за тоа сведочат илјадници фотографии кои се објавуваат на социјалните мрежи.
На фотографиите, традиционално, стокмени дами и господа, насмеани колеги, пред полните софри ја пренесуваат пораката – Сложни колеги сме, се забавуваме, ние сме тим!
Но, дали? Додека од една страна фотографиите од предновогодишните колегијални забави оставаат впечаток дека во Македонија владее невидена слога помеѓу колегите, вработени во исти фирми, од друга страна, тука се и саркастичните јавни коментари со порака:
–Пак ли започна предновогодишното колегијално лицемерие на социјални мрежи? Цела година не се поднесувате, пред Нова година глумите најдобри пријатели и колегијална идила!
Сопственици на приватни компании кои со години наназад организирале предновогодишни забави за своите вработени, сепак велат дека зајадливите коментари се неспоредливи во однос на пораката која ја носат овие собири.
Да се покаже имиџот на фирмата и надвор од работните простории, да се социјализираат и подобро да се запознаат вработените, во една друга средина од таа во која го минуваат заедничкото време, но и на некој начин да бидат наградени за трудот кој го вложувале цела година, се најчестите причини поради кои повеќето фирми се решаваат за организирање на ваквите забави.
-Бенефициите се тие, да се истакне важноста на тимската работа, сите вработени да почувствуваат дека се дел од еден тим, да им се зајакне професионалната врска во една опуштена атмосфера – вели сопственик на приватна компанија.
Празничните колегијални дружби во локали, исто како и популарните ,,after work” забави, за прв пат се спомнуваат во 1990 години, во Германија.
За разлика од кај нас, каде најчесто се опишуваат како ,,фешта на лицемерието”, во западниот свет се популарен начин за градење на поголема доверба помеѓу вработените и начин подобро да се поврзат меѓусебно.
Доколку не се сложувате најдобро со некој од вашите колеги, за време на приватната забава можете да откриете дека на пример имате заеднички интереси од некоја област, со што добивате поттик подобро да соработувате на работните проекти и да покажете поголемо разбирање. Се добива можност јавно, во една неформална атмосфера да се пофали нечија работа, со што се подига моралот на компанијата, а добрата храна и пијалок на забавите, само уште повеќе придонесуваат присутните да се опуштат и заеднички да се забавуваат.
Вики Клинчарова