Поповски: Ситуацијата 60:60 создава неспособно Собрание

Ако во рок од 10-15 дена не се создаде мнозинство, тогаш единствена опција се парламентарни избори, вели за Фокус експертот по уставно право.

by Фокус

Моменталната ситуација во Собранието, каде двете политички групации имаат по 60 пратеници, значи дека парламентот е неквалификуван и неспособен да ги врши неговите уставни функции, вели за Фокус пензионираниот универзитетски професор Владо Поповски, кој е еден од творците на македонскиот Устав. Според него, ваквата состојба мора да се надмине што поскоро.

Ваквата нерешена ситуација не може да се толерира подолго време. Таа мора да се реши со создавање на парламентарно мнозинство, а доколку тоа не е можно, неминовни се предвремени парламентарни избори, за што треба да се самораспушти собранието – посочува Поповски.

Притоа, тој додава дека обидите за создавање на мнозинство не треба да траат предолго, туку, според него, мора да завршат во рок од 10-15 дена. Како што објаснува тој, не станува збор за прецизно утврден рок, туку Собранието не може да трпи да биде нефункционално и неефикасно подолго време. 

Доколку една политичка групација го држи закочено Собранието, на тој начин што ќе се противи на опцијата за брзи предвремени парламентарни избори иако нема мнозинство, тогаш тоа негативнo ќе се одрази врз нив на следни избори – оценува Поповски.

По последните парламентарни избори избори, СДСМ и ДУИ формираа парламентарно мнозинство од 62 пратеници. Но, после локалните избори, Беса со тројцата пратеници ја напушти владата и со опозицијата покрена иницијатива за нејзино уривање, која на крајот пропадна бидејќи еден од пратениците на Беса се предомисли. Сега, токму тој е 60-тиот пратеник на мнозинството, кое наскоро може да порасне до 64 ако успешно завршат преговорите со Алтернатива.

В.С.

Поврзани новости