Поповски: Не се борам за фотелја, ризикот е се помалку луѓе да гласаат

by Фокус

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Поповски, во интервју за „Независен весник“ вели дека не е дел од иницијатива за формирање на нова политичка партија од страна на незаводолни членови опозициската партија, но, како што нагласува тој, не е никаква драма да постои критика.

-За да напредуваме мотив мора да црпиме од потребата за длабока, суштинска промена на начин на ангажирање и поинаква цел. Не сум дел од борба за фотелји, не ме мотивираат дворски игри, не ме интересира клиентелистички однос или вртење во круг. Сакам иновација. Тимови со креативни умови. Луѓе што следат каде оди светот. Видокруг над хоризонтот. Демократски капацитет да се прифаќаат новитети и да се бара најнапредно решение. Тоа ме мотивира. Мислам ВМРО треба да го има тој стремеж. Без тоа нормално е да ги губиме најкреативните млади од земјата. И не може да им се замери – вели Поповски.

Тој смета дека на следните парламентарни избори значајни се резултатите меѓу двете најголеми партии, но исто така значајни се резултатите и на останатите партии поради формирањето на влада.

-Зависи кој на што цели: повеќе гласови, голема пратеничка група, учество во влада, предводење на влада, уставно мнозинство…. Оваа влада сега е можеби најзагрозена од самата влада. Ние не треба да сме среќни на туѓи слабости. Мора да целиме погоре. Тоа е здрава демократија. Ризикот е сè помалку луѓе да гласаат. Најкреативните млади очекуваат повисок демократски дух во земјата, за да можат лично да се реализираат, без разлика на власта. Сити се тие деца од политичка опседнатост – вели екс шефот на македонската дипломатија.

Поврзани новости