Поповски: Јавноста ќе има увид колку троши Пендаровски, вакво нешто Иванов не дозволуваше

by fokus

Роберт Поповски, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, денеска се сретна со претседателот Стево Пендаровски. На средбата Поповски и Пендаровски разговараа за Алатката за отчетност, на којашто се прикажани трошоците на министрите, замениците – министри и на директорите на јавните претпријатија.

Поповски по средбата истакна дека му било задоволство што имал можност и лично да му честита на Пендаровски.

-Ова е наша прва официјална средба. Она што е значајно од средбата, е тоа што претседателот Пендаровски искажа целосна подготвеност начинот на неговото работење и сето она што значи користење на буџетските средства како претседател на државата да ги стави на увид на јавноста.

Тоа значи дека онаа Алатка за транспарентност, што премиерот, министрите во Владата, заменици-министри, директори на јавни претпријатија, веќе во неколку извештајни периоди ја користат и ја презентираат пред граѓаните, ќе биде на своевиден начин прилагодена согласно начинот на кој функционира кабинетот на претседателот и тие трошења ќе бидат на увид на јавноста.

Ова е огромна разлика во споредба со претходниот претседател Иванов, кој што воопшто немаше намера да ги презентира трошоците и начинот на работење пред граѓаните. Беше целосно нетранспарентен.

Да ја потсетам јавноста, од кога беше воведена Алатката за транспарентност во Владата и предложена на јавните претпријатија, јас мојот кабинет побара да ја употреби и претседателот Иванов. Тој, тоа на најдрастичен начин го одби и кажа дека едноставно нема потреба од такво нешто.

Значи, сега конечно, имаме Претседател, имаме кабинет на Претседателот што ќе биде целосно отворен, транспарентен и целото свое работење и начинот на којшто ги менаџира и средствата и политиките ќе бидат достапни и презентирани пред граѓаните, вели Поповски.

Поврзани новости