Во нашата земја, која не многу одамна имаше сериозни проблеми со слободата заради репресивните политики во сферата на медиумите и слободата на изразувањето, интернетот беше единственото место за слободоумната мисла. Затоа наша обврска е да ги направиме можностите на Интернет отворени за сите, изјави министерот за транспарентност Роберт Поповски, на третиот Форум за управување со интернет што денеска се одржа во Скопје.
-Со намалувањето или целосното укинување на дигиталниот јаз, со гаранции за еднаков пристап и со овозможување придобивките од мрежата да им припаѓаат на сите. Без исклучок. Во таа насока на Форумот за управување со интернетот Македонија гледам како на точка од која на креирањето на нашата визија ќе и посветиме поизострен фокус и поголема енергија со колку што е можно пошироката инклузивност на сите засегнати страни. Интернет просторот им припаѓа на сите. Ниту една страна нема, ниту може да има ексклузивно право во оваа сфера – рече Поповски.
Заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, се задржа на имплементацијата на 5Г во Република Северна Македонија за значителен пораст на квалитетот интернетот за корисниците, за, како што рече, поголема сигурност и за проширување на бројот на понудени услуги за граѓаните.
– Клучната мерка за поддршка на Националниот оперативен бродбенд план е создавањето на јавна оптичка мрежа, која главниот фокус го става на максимизирање на поволностите од имплементацијата на 5Г, вклучително и развојот на економскиот пазар преку поддршка и развој на нови услуги во различни вертикални сегменти на пазарот – истакна Бајдевски.
Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност на претседателот на Владата Заев, пак, истакна дека владата тргнува од својата програмска и стратешка определба за објективно и транспарентно информирање за своето работење.
– Најголем непријател на лагата е вистината, и затоа напорите и политиките на сите засегнати страни треба да одат во насока на обезбедување канали за ширење на вистината. Треба да го поттикнуваме сомнежот и да создаваме критички настроена јавност која ќе има капацитети да ги препознава лагите и да ја шири вистината. Најважно е да се прашаме што можеме сите ние да направиме во борбата против лажните вести и дезинформации, сите засегнати од овој феномен, за да се справиме со оваа појава која сериозно ги поткопува демократските вредности, ја поттикнува омразата и конфликтите – порача тој.